Вториот долгометражен филм на Вардар Тозија, „М“ во продукција на „Фокус покус филмс“ ќе биде прикажан на филмскиот маркет на Фестивалот во Кан, кој е во тек и ќе трае до 27 мај.

Филмот, кој е поддржан од Агенцијата за филм е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.

Станува збор за дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус е во потрага по својата мајка.

Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, а маскер е Горан Игњатовски.

Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ Вејзовиќ. Продуцент на „М“ е Фокус покус филмс од Скопје, а филмот е официјална копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.

Оваа година на Канскиот фестивал во програмата FOCUS WiP 2023 (Work in Progress) на Cinema Demain, ќе биде претставен и проектот LOYNES на режисерот Дорјан Јасперс. Филмот е во копродукција на SCUM Pictures и WrongMen од Белгија, FilmGrand8 од Франција, Веда Филм од Македонија и LONO Studio од Англија.

Краткометражниот филм во режија на Гоце Трајковски, „Досие иднина“, а во продукција на „Слобода филм“ ќе биде дел од каталогот на Short Film Corner и за таа цел, филмот ќе биде достапен во приватна и обезбедена видео-библиотека, до која пристап имаат само акредитирани професионалци кои се заинтересирани за кратки филмови за време на фестивалот. Се работи за драма/мистерија во кој улогите ги играат: Ебру Мусли, Ана Стојановска, Решид Береда.

Покрај овој работен дел, во рамките на Канскиот филмски фестивал, Агенцијата за филм ќе реализира низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот.

Македонскиот штанд во SEE павилјонот ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал.

Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE pavilion), а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.