Во рамките на јубилејното 50. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ на 18 мај, со почеток во 20.00 ч. ќе се изведе  една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ на големиот италијански композитор Гаетано Доницети.

Во оперската претстава ќе настапи врвна солистичка екипа, предводена од нашата првенка Ана Дурловски во насловната улога, која продолжува да остварува блескави успеси на европската и светска оперска сцена восхитувајќи ги критичарите и публиката со својата совршена техника и интонативна прецизност. Баритонот Борис Трајанов, добитник на многубројни меѓународни и домашни награди ќе настапи во улогата на Енрико, додека во улогите на Едгардо и Рајмнодо ќе настапат гостите од Италија, Оресте Козимо и Алесандро Абис, во улогата на Артуро – Никола Стојчевски, во улогите на Ализа и Нормано ќе настапат Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски. Хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Диригент на оваа психолошки фасцинантна опера е гостинот од Италија, Алесандро д’ Агостини, режисер и сценограф е Лев Пулиезе (Италија), а костимограф Марија Пупучевска, концерт мајстор: Јане Бакевски, хор мајстор: Ѓурѓица Дашиќ.

„Лучија од Ламермур“ е трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го напишал либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 г. во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 г. Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот, но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.