Во рамки на 47-то издание на МОТ, Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива, ќе претстави четири перформанси како дел од заедничката соработка со МОТ и Младински Културен Центар Скопје.

Во салата „25 Мај” во МКЦ, вечерва со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведен танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“. Концептот и кореографијата на „Ми треба ново тело“ се на Викторија Илиоска во разговор со Настја Ѕубан и Лаура Стелачи, а изведувачки се Викторија Илиоска и Настја Ѕубан.

Перформансот е копродукција помеѓу Локомотива, Life Long Burning (LLB), Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска. Проектот е поддржан од: Министерство за култура на Македонија и Креативна Европа (во рамки на проектот Life Long Burning), информираат од ЦНИУК Локомотива.

Додека во горното фоаје на Кино Фросина утре со почеток во 12 часот ќе има и разговор со уметницата Викторија Илиоска наречен „Дијалог кој недостасува“, кој ќе се реализара во соработка со фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско 10“, а во 19 часот во салата „25 Мај”, публиката ќе има можност да го проследи перформансот „Sad Sam Almost 6” на Матија Ферлин, хрватско-словенечка ко-продукција.

На 18 ноември ќе бидат прикажани два перформанси: „Појавување на изведбата” на Номад танцовата академија од Хрватска, којa на програмата на МОТ е во 20.00 часот во салата „25 Мај”, а веднаш потоа, од 21.00 часот во Гaлеријата на МКЦ, Игор Коруга од Србија ќе го изведе својот соло перформанс „Блискоста на допирот”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.