Познатиот музичар и диригент Љупчо Мирковски, кој е поранешен директор на Музичката продукција на МРТ, по тој повод напиша отворено писмо до премиерот Зоран Заев, барајќи средба со него. Во статусот на Фејсбук, Мирковски пишува:

Музичката Продукција на МРТ одамна згасна заедно со Биг Бендот , Народниот оркестар , Оркестарот на народни инструменти и Оркестарот Чалгии како и Хорот , детскиот хор и Камерниот оркестар и целосен застој во работата на музичките продуценти во празните студија без музичка опрема. Мене лично тоа многу ме боли со оглед на тоа што сум дел од Музичката Продукција од 1978 година.

И никогаш не сум бил вработен на друго место како вљубеник во својата работа и целосно музичко производство што е и основна дејност на Музичката Продукција. Се обидувам веќе 15 години да ја обновам , но не ми успева.

Не заради себе, јас имам усте една година до пензионирање , туку за Државата и за младите генерации, извонредни музичари инструменталисти , композитори , аранжери кои се спремни да се вработат во МРТ , во Музичката Продукција да ја продолжат работата на Драган Ѓаконовски Шпато , на Кире Костов , Илија Пејовски , Александар Џамбазов , Љубомир Бранѓолица Љупчо Константинов , Славе Димитров , Благој Чешларов , Благоја Дескоски , и уште многу други Великани на македонската музичка историја.

Јас се уште верувам дека Премиерот, Владата и Раководството на МРТ ќе имаат доблест да го прочитаат ова отворено писмо и дека позитивно ќе реагираат.

Затоа решив да му напишам јавно на Г-нот Зоран Заев и да го замолам за средба во врска со обновувањето на музичката продукција на МРТ. Однапред се извинувам за должината на мојот напис .

Почитуван Г-не Заев, како член на работната група која беше формирана на Ваша и иницијатива на Владата за обновување на Музичката Продукција и оркестрите на МРТ, би сакал да Ве известам за тоа дека ја завршивме целата постапка уште во 2018 година, во траење од 6 месечна работа и со целосен елаборат за тоа како треба да изгледа Музичката Продукција и колку тоа би чинело.

Од за нас неразбирливи причини, целата постапка заврши со последната седница во јуни во 2018 година без ниедно известување и без ни една постапка за реализација на планот. Вие тогаш ме упативте кај Роберт Поповски кој не покажа никаков интерес за обнова на оркестрите на МРТ.

На 14 Октомври 2020 бев на состанок со заменикот Министер за информатичко општество и администрација во чиј ресор е и МРТ, но и тој до ден денешен нема никаква реакција.

Во меѓувреме , на 133 седница на Програмскиот Совет на МРТ се инсистира на итно вработување во МРТ во неколку сектори , но нигде не се спомнува Музичка продукција и оркестрите на МРТ.

Верувам дека не е потребно да пишувам за тоа од каков интерес за нашата Држава се оркестрите кои за жал одамна не постојат како и целата Музичка Продукција која ФИКТИВНО стои во Систематизацијата на МРТ но ФАКТИЧКИ не постои.

Ве молам за еден состанок на кој би сакал да Ви го изнесам проблемот и да ви ги предочам сите работи околу Музичката Продукција на МРТ.

Со почит, Љупчо Мирковски, композитор, аранжер и поранешен Директор на Музичката Продукција на МРТ“, стои во објавата на Мирковски кој е автор на многу хитови, а еден од нив е „Свирете ја зајди зајди“ на Олгица Христовска, чиј аранжер е, композиција што ја напиша Драган Вучиќ.

Muzickata Produkcija na MRT odamna zgasna zaedno so Big Bendot , Narodniot orkestar , Orkestarot na narodni instrumenti…

Posted by Ljupcho Mirkovski on Monday, 22 February 2021

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.