Утре, на 17 јануари, четврток, во склоп на Роденденот на уметноста во МКЦ, со почеток во 20,30 во сала Фросина ќе биде промовирана книгата „Радио“ на новинарот Љупчо Јолевски.

„Радио“ ја чинат повеќе од 730 страници и речиси толку фотографии илустрации. Книгата претставува субјективен избор на авторот од прилозите, односно текстовите пишувани и објавени за Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик. Поделена на неколку целини – музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија… преку информациите, најавите, разговорите, интервјуата, рецензиите, освртите… се обидува да понуди негово видување на македонската култура во изминатава половина декада.

Можеби најважната лекција што Љупчо ни ја дава овде е дека ниеден новинар не е преголем џомба за ниеден културен настан. Овој искусен, начитан и прошетан новинар културата ја покрива без комплекси, иако музиката секако му е најголемата љубов, книгата изобилува со текстови и за ликовната уметност и за книжевноста и за театарот и филмот, вели рецензентката Елизабета Баковска, поет и литературен критичар.

Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е скоро четири децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Бил соработник на белградските магазини Рок и Време, а потем долги години бил во Радио Телевизија Скопје и во Македонското радио – Втора програма. Паралелно четири години бил уредник на Музичкото радио Канал 103, а соработувал и со изданијата на Детска радост, ревијата Екран и весникот Нова Македонија. Од крајот на 1990-те извесно време бил новинар во Телевизија Скопје и во магазинот Старт, потем уредник во дневните весници Дневник, Време и Нова Македонија, соработник на интернет порталот Блесок, на Југословенската и Екс. Југословенската рок енциклопедија, на Светската и на Европската музичка енциклопедија и безмалку цела една декада автор и водител на музичката емисија Скопје – Париз – Тексас на Радио Равел. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Јолевски, како се прави добро интервју?

Никогаш не сум размислувал за тоа дали има формула за добро интервју. Можеби треба да ги следиш сите правила кои сме ги учеле кога сме биле почетници, дали да подготвиш однапред прашања или да реагираш во моментот. Во онаа област во која јас се обидувам да пливам, секогаш сум тргнувал од интуиција. За секое интервју мора да има подготовка. Интервју не се прави со човек кој кога ќе седне спроти тебе ти да не знаеш ништо за него. Ни што напишал, ни што потпишал, каде бил… Сето тоа треба да го имаш како основа пред да го почнеш интервјуто. Оној момент кога ќе седнеш спроти него, тогаш почнува вистинската приказна. Моите интервјуа, барем јас се трудам, да бидат поспонтани и да не потекнуваат од главата, туку од срцето. Едноставно да се препуштиш на еден убав разговор со човек кој на крајот на краиштата го почитуваш, си го замолил да ти каже нешто, а потоа ја почитуваш и публиката која ќе го прочита, слушне или види она што тој ти го кажал. Мене постојано и упорно ме водела интуицијата и пред сè и над сè подготовката.

Како го направивте изборот на интервјуата кои се објавени во „Радио“?

Пред некој ден, на другарите се кои седиме на кафе секоја сабота, ‘на родителски состанок’, им реков дека би сакал да дојдат на промоцијата на книгата. Еден од нив ме праша што содржи книгата и кога му објаснив дека во неа има интервјуа, осврти, цинично ми кажа дека сум ја нашол најлесната формула да направам книга. Не знам дали е најлесната, но кога ќе помислам што сè наназад сум работел, ми текнува колку сум се ‘кршел’, не би рекол дека тоа е најлесниот начин. Најтежок момент ми беше кога почнував да мерам и да премерувам кои од тие интервјуа треба да влезе во изборот. И тука го имаш моментот на заборавање. Безмалку две години ‘чепкав’ кои од разговорите, текстовите кои се објавени за Радио Слободна Европа може да го издржат забот на времето за конечно да одлучам ете, тоа е тоа. Згора на тоа, кога ќе го направиш тој поширок избор, правиш потесен избор, па уште потесен и на крај си велиш: Ова е тоа и тука ќе запреме! Тврдам дека од она што сум го избрал не е ни половина од она што сум го сакал. Можеби некои работи свесно ги оставив да постојат, за можеби утре да се изамбицирам, дај боже за нешто слично. При изборот на материјалот кој ќе влезе во книгата, моментот е многу субјективен. Жал ми е што многу работи ги нема во „Радио“, но мораше да биде така.

За радиото важеше синтагмата „етер-ветер“. Дали токму поради тоа решивте интервјуата објавени за Радио Слободна Европа да ги издадете, односно да ги соберете во книга, како еден вид скапоцен архив на македонската култура?

Радиото од секогаш било моја голема фасцинација. Сум работел и во печат и во телевизија, но радиото ми беше и ми остана најголемата фасцинација. Оттаму веројатно е и насловот на книгата. Факт е дека во последниве 15 години сум во РСЕ. Синтагмата „ветер-етер“ секогаш ме прогонувала и мене и сите кои работат во овој медиум – дека она што го работиш таму, колку и да е убаво, трае додека не биде изговорено, кажано или со музика избришано. Токму поради овој факт, отсекогаш имав една мисла во себе дека она што го работам треба да биде заокружено или барем сочувано. Кога почнав да работам во РСЕ таму ни се отвори можност да работиме аудио прилози и потоа тие да бидат објавени на порталот. Тоа значеше дека кога ќе седнев да го подготувавм прилогот размислував двострано – како ќе изгледа аудиоприлогот и како тоа визуелно ќе биде прикажано на порталот на радиото. И така се собираше материјал. Некогаш не си свесен дека тоа кога ќе го собереш едно до друго може да изгледа интересно и тоа купче може да даде слика за случувањата кај нас во државата за она што мене мене лично ми се чини дека е многу важно, а постојано се заборава, а тоа е културата. Имам впечаток дека таму каде што сме најсилни, ние најмалку веруваме, да не кажам вложувме.

Иако вашата богата професионална кариера опфаќа работа во повеќе печатени медиуми и во телевизија, зошто радиото беше и остана ваша прва љубов?

Еден другар од детството многу сакаше книги и сакаше да биде библиотекар. Јас пак постојано држев некое дрвце во рацете и зборував. Во периодот на адолесценцијата растев повеќе со радиото отколку се телевзијата. Првпат влегов во радио како студент. Радиото има две работи за кои подоцна станав свесен – желбата да пишувам и уште повеќе желбата да пуштам или да бирам музика. Кога работев во Македонското радио си носев своја музика. Не сакав да ги користам материјалите од фонотеката на Радиото. Ме интересираа нови работи, нови бендови и стално си ја носев музиката со мене. Таму бев водител на емисија, подготвував прилози и пуштав музика. Тоа ми беше остварувања на соништата. Како којзнае што да правам! Бев исклучително исполнет кога ќе завршеше емисијата. Секоја емисија беше нов предизвик и некоја лична победа. Работев и на телевизија, но никогаш не ја засакав на начинот на кој го сакам радиото. Себе се гледам дека еден ден можеби кариерата би ја завршил во радио, ама најкласично радио. Да си работам музичка емисија, емисија за култура, отворена, многу слободна за луѓето, и да пуштам музика. Емисија која ќе има ‘штоф’, и говорен и музички дел. Да не биде со ефекти кои ќе оттргнат вниманието од она што е суштината. Јас тие работи ги викам вистински вредности.

Како новинар во културна рубрика пишувате и следите настани од театар, филм, ликовна уметност, литература. Но, кеифот е најголем кога пишувате за музика.

Така тргнаа работите уште од „Млад Борец“. Жал ми е што со таква страст не можам сега да се посветам на она што се случува на полето на музиката. Мислам дека е време да дојде некој помлад. Долго време се интересирав за популарна музика, џез, рок. Меѓутоа кога ќе се најдеш во позиција да се бориш за себе, почнуваш да учиш. Можеби и како човек сум таков, во секоја работа влегувам со многу страст и многу емоции. Имаше една поговорка: ‘Пенкалото пишува со срцето’. Себе таков се гледам. На секоја прес-конфренција влегувам емотивно, не молчам, постојано прашувам, ме интересира. На овие години не ми е воопшто чудно да бидам како и секој новинар-почетник, да ја ислушам целата прес-конференција и да напишам текст. Убаво ми е. Тоа ме одржува. За сиве овие години запознав многу луѓе, стекнав многу пријатели. Чувствувам дека сум побогат човек со сите тие познанства што сум ги направил.

Сведоци сме на згаснување на медиуми, а културните редакции речиси и да не постојат. Што треба да се случи за културата повторно да стане атрактивна?

Насловната страница на книгата „Радио“ е дело на мојот пријател Сашо Димоски и е од една антикварница. Приказнава која ја почнав и се надевам дека, ако имам можност ќе ја продолжам и ќе заврши како „Радио 2“ каде што работев јас (втора програма на Македонско радио, н.з.) ќе биде илустрирана со фотографии кои тој ги има направено во Радио Струга кое веќе не постои. Денес радиото како медиум е комплетно турнато настрана. Но, тоа е така кај нас. Тоа не е светски тренд. Во Лондон не можеш глава да кренеш од преубави радија со преубави емисии. Кај нас вирее уште нешто, но тоа е на маргините, за жал. Во ваква ситуација, културата и тоа не е од сега, е сведена на минимум. Очигледно е дека ниту сегашниве газди, сопственици на медиуми имаат желба воопшто да имаат култура, ниту пак ги интересира тоа. За жал, дури и во националниот медиум културата го нема она место што некогаш го имала. Веројано има вина во сите нас што сме работеле во тие рубрики. Можеби не сме биле погласни. Отсекогаш во печатените медиуми цел весник бил за политика, една страница за култура и една за забава па таму може да се најдат најави за некој културен настан. И тука завршува приказната. Никогаш не било волку лошо во однос на третманот на културата. Дури и ако кажеш дека си новинар од културната рубрика веднаш ќе бидеш безмалку жигосан, како новинар од втора класа. Политичарите, барем кај нас, го украдоа шоуто на уметниците, музичарите, глумците, на сите оние кои се бават со култура и уметност. Од тој момент добар дел од нештата тргнаа по некоја друга линија. Ги изгубивме вистинските вредности.

Дали убавината може да го спаси светот или можеби од нас да направи подобри луѓе?

Јас не сакам да поверувам дека ќе нема луѓе кои ќе ги интересира она што се случува на култураната сцена, она што е вистински вредно. Не сакам да поверувам дека новиот турбо фолк начин на живеење толку ќе нè столчи и ќе се изгуби интерес за што било освен за инстант настани и лажни вести. Мора да има простор за културата. Секогаш ќе има луѓе кои ќе ги интересираат вакви вести. Како да забораваме што кажал Гоце Делчев пред многу години. Никогаш нема да биде излитена неговата фраза за тоа дека светот го разбира како поле на културен натпревар меѓу народите. Драго ми е што кај нас во последно време се појавуваат книги кои се многу битни за идентитетот како што е „Рок енциклопедија“. Треба да се свртиме кон вистинските вредности и она што нас нè определува како луѓе кои живеат на одреден простор, луѓе кои се свесни за своите корени, за својот идентитет. Јас никогаш нема да се заморам да кажувам кој сум, од каде сум и да се борам за она што се наши вистински вредности.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.