За првпат во Македонија, на 20 септември (петок) во Камерната сала на Филхармонија, ќе биде изведена најпознатата опера од Хенри Персл – „Дидо и Енеј“!

Станува збор за автентична, концертна изведба на љубовната приказна преточена во опера на најголемиот британски барокен композитор, е во организација на Уметничкиот центар „ПОЛИФОНИЈА“.

Во премиерната изведба учествуваат оперските ѕвезди: македонскиот баритон Васил Гарванлиев како Енеј, кој кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени, канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва како Дидо, која исто така првпат гостува на македонската сцена, а моментно пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, потоа еден од најбараните барокни ансамбли – „Г.А.П.“ од Германија, како и ансамблот „ИН МЕДИАС РЕС“ на „Полифонија“.

Хенри Персл (1658-1695) е најзначајниот композитор кој Англија некогаш го имала. Неговата прекрасна опера „Дидо и Енеј“ базирана врз некои делови од познатиот еп на Вергилиј „Енеида“, а според либретото на Нахум Тате, зборува за несреќната љубов помеѓу кралицата Дидона и принцот Енеј. Изворно, дејствието е сместено во кралската палата во моќниот град-држава Картага каде Енеј застанува во своето патешествие за да основа ново кралство враќајќи ја разрушената Троја. Тогаш, под влијание на боговите, се вљубува во убавата Дидона и во цутот на нивната љубов ја остава како би го продолжил своето патување. Дидона е оставена сама, во стравови и сомнежи, во судир помеѓу кралската, рационална улога и страста. Ова е една прекрасна љубовна фантазија, мит помеѓу јавето и сонот, помеѓу фантазијата и вистината, приказна за границата на човековиот ум и неговото доживување на стварноста, за миговите на болка и тага…

Оваа трагична љубовна опера во која има судбински пресврти и мистични ликови, е преполна со прекрасни арии кои го одземаат здивот. Емотивна е, но и необично убава облагородена со мелодиката на англискиот фолклор. Хенри Персл со ова дело се вивнал во најголемите височини на барокното сценско творештво и извршил огромно влијание врз понатамошниот развој на операта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.