Љубомир Стефанов, еден од режисерите на „Медена земја“ кој освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс“ смета дека македонскиот документарец не е филм за пчели, туку за фер-искористувањето на природните ресурси.

„Медена земја“ може да биде и филм за дрвја, не мора да се пчели. Она што е важно е тоа како е прикажано искористувањето на медот, а тоа е пораката која ја испраќа овој филм, фер-искористување на природните ресурси, рече Стефанов денеска на средбата со новинарите која беше организирана по повод успехот кој го доживеа овој документарец на „Санденс“.

Според Тамара Котевска, режисерка на филмот, снимањето кое траело три години, направило целосна промена во нивните животи. Котевска и Стефанов претходно работеле заедно на документарниот филм за Преспа, „Езеро на јаболките“. Тој филм го работеле во ист состав и откриле дека има потенцијал да се направи нешто повеќе.

Ние во овој состав го скршивме тоа клише дека режиерот мора да биде најсуетниот. Со суета филм не се прави. Добар филм се прави исклучиво со срце , кога секој од екипата дава се од себе. Тое и го докажавме, рече Котевска.

Атанас Георгиев, монтажер и продуцент на филмот најави дека наскоро ќе има две затворени проекции на 12 и на 13 март, а потоа филмот ќе биде прикажан на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој вообичаено се одржува во крајот на август.

На овие две проекции околу илјада гледачи ќе го видат филмот. Екипата која работеше нема да биде заедно до мај поради обврски. До премиерата на „МакеДокс“ мора да се подготови нашата публика. Потребна е сериозна кампања, бидејќи многу е поважана пораката која ја носи филмот, односно свесноста на односот кон природата, рече Георгиев.

Тој говореше за она што се случувало на „Санденс“, во Јута.

Според критиките што го добивавме на проекциите, знаевме дека ќе добиеме една награда. Па си рековме, можно ли е да земеме две награди? Ни кажаа дека тоа многу ретко се случувало, ама за три не очекувавме никако. На „Санденс“ ние успеавме да направиме таканаречен блокбастер. Во Парк Сити нема блокови, но затоа се правеа редици и дожевеавме да имаме повеќе гледачи надвор, пред кино салата, отколку внатре на проекцијата. Луѓето си чекаа за пет-шест места кои останале непродадени – рече Георгиев, кој додаде дека е склучен договор со компанијата „Неон“ која ќе биде диструбитер на филмот за Америка. Во договорот кој е потпишан стои дека „Медена земја“ ќе биде дистрибуиран во најмалку 15 маркети, односно 15 града, а бројката може да стигне до 50 града, што значи дека македонскиот документарец ќе има милионска публика.

„Медена земја“ на режисерите Стефанов и Тамара Котевска освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

Претпоставувам дека во 2019 година „Медена земја“ ќе биде хит во сите кино сали и дека ќе имаат шанса да го видат не само оние страствени вљубеници на синематското дело во кино, туку и многу поширока јавност и се надевам дека пораката што ја носи овој филм ‘земи пола, остави пола’ ќе допре до сите нас и ќе не направи да биде поразлични во однос на природните ресурси на планетата, додаде Георгиев.

Филмот на „Санденс“ имал шест проекции, а бил прикажан и на затворена проекција на Белинскиот филмски фестивал.

Стефанов изјави дека тимот кој работел на „Медена земја“ е доказ дека нешто што тргнало како мала идеја, со упорна работа и целосна посветеност на сите може да се дојде во резултат. Не е се до помпезноста, смета Стефанов.

Фејми Даут и Самир Љума се снимателите кои ги ловеа моментите во „Медена земја“, снимајќи трпеливо три години. Признаваат дека природата во која снимале била спектакуалрна, а во работата се надополнувале. Даут работел со Стефанов, а Љума со Котевска. Даут признава дека ако се снимало само со една камера, ќе било многу потешко да се направи ваков документарец. Екипата соопшти дека биле снимани вкупно 400 часа, а на крајот филмот трае 85,5 минути.

Со Атиџе станавме семејство, јадевме, пиевме, пеевме, се смеевме, плачевме заедно. Ако ме нападне една пчела, се плашам. Ама Атиџе и одност на Атиџе кон пчелите ни даде доверба, така што никогаш не помисливме дека сме изложени на опасност. Во текот на целото снимање немавме никаква заштитна опрема од пчелите. Мене ниту еднаш не ме касна, но затоа Феми ја плати цената за мене. Љубовта на Атиџе кон пчелите ни даде тотална доверба дека треба да им веруваме, рече Љума.

„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

Од екипата на „Медена земја“ се согласија дека Атиџе е филмски лик кого го сака камерата, така што воопшто не било тешко камерата да ја следи неа. Раскажаа и дека кога се појавиле во Бекирлија, селото во Централна Македонија каде што е сниман документарецот, таа се израдувала што некој дошол да ја сними неа и со тоа и се исполнила најголемата желба.

Суров е светот во кој живееме и не верувам во оние изјави дека филмот или уметноста ќе го сменат светот, бидејќи нема да го сменат. Ликовите се тие кои го прават филмот и пораката што ја испраќа, заврши Стефанов.

Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).

„Медена земја“, на својата официјална веб страница honeyland.earth, започна со добротворна кампања за поддршка и помош на ликовите од филмот. Со секоја нарачана тегла мед на Атиџе, ќе се донираат средства за подобрување на условите за живот на децата што се појавуваат во филмот. На Атиџе веќе ѝ е обезбеден нов дом кој е во фаза на приоспособување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.