Либералната партија се придружува кон повикот на голем број уметници – „Не го чепкај МКЦ“.

Партијата смета дека МКЦ е бедем на културата кој подолго време работи беспрекорно, со специфична енергија и неверојатно квалитетна понуда на културни настани.

Има фантастичен тим, одлично раководство и директор кој доаѓа од јадрото на креаторите на програмата на МКЦ – и тоа треба така да остане и понатаму. ВД директорот Русе Арсов е врвен професионалец кој долги години наназад е столб на културната политика и менаџирањето на таа институција, човек кој на кадровски план создаде тим на кој многумина би му завидувале. Дегутантно е во МКЦ да се поставува директор по партиски клуч – човек кој никогаш не стапнал во МКЦ. Смената на ова професионално раководство со партиско ризикува со дилетантизам, и ќе предизвика ненадоместлива штета за урбаната култура во Македонија и ќе се уништи една посебна енергија и мачно стекнато знаење, велат од Либералната партија преку соопштение.

Додаваат дека не треба да се дозволи и она малку професионално и квалитетно во државата да се уништи.

Апелираме власта мудро и храбро да се одважи и да овозможи овој раководен тим и понатаму беспрекорно да менаџира со МКЦ, се вели во соопштението на Либералната партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.