Иницијативата „Култура или Фис-култура“ на својот фејсбук профил и се обрати на министерката за култура по повод донесената пресуда од Управниот суд во врска со изборот на директор на Струмичкиот театар.

АБЕР ДОЈДЕ, ГОСПОЖА МИНИСТЕРКЕ!

У Струмиц’а вик’ме: Баклавảта акоо изѐдана, тепсѝѝта стоо.
Почитувана публико, пријатели и поддржувачи на иницијативата „Култура или фискултура?“, за десетина дена се навршуваат точно 8 месеци од решението на Министерството за култура, со кое за генерален директор на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица беше назначен човек со несоодветно образование (наставник по фискултура), а беа отфрлени кандидатурите на останатите кандидатки (актер и културен менаџер).
Незадоволни од ваквата одлука, ние носителите на дејност во театарот, формиравме иницијатива која што е потпишана од преку 350 уметници и работници во културата од цела Македонија. Во изминатите месеци организиравме десетина протести, акции, прес-конференции и сл. Укажуваваме на секаков можен начин дека таквото решение на Министерството за култура е скандалозно, противзаконско и во судир со европските вредности, кои владеачките структури постојано ги повторуваат, ама сепак, на првата кривина ги забораваат и се откажуваат од нив.
Остваривме дузина средби со разни официјални лица, претставници на различни институции, каде што најчесто наидувавме на разбирање од типот „во право сте, со вас сум, ама не кажувајте јавно“; „ја имате нашата поддршка, ама знаете како одат работите во нашата држава“ и сл. Сите го разбираа нашиот проблем, сите беа свесни дека станува збор за очигледен наместен избор и партизација на инститиуциите, ама никој од надлежните институции не се дрзна да превземе нешто конкретно.
Но, ние не се откажавме.
Бевме убедени дека правдата е на наша страна и дека кога-тогаш некој орган во државава ќе мора да се одважи и да биде на висина на задачата и да почне да го практикува тоа што го проповеда. Тоа и‘ се случи.
Имено, по поднесената тужба од двете одбиени кандидатки до УПРАВНИОТ СУД во Скопје, со цел да се поништи конкурсот заради повреда на постапката при изборот, судот донесе одлука;
– да ја УВАЖИ тужбата на двете оштетени кандидатки и
– да го ПОНИШТИ решението на министерството за култура со бр. 44-1075/2 од 21.01.2021 година, со кое беше назначен спорниот „директор“.
Се разбира, судот донел таква одлука после разгледување на целокупната документација на сите кандидати и после увидот во тоа на кој начин бил воден целиот процес. За среќа, УПРАВНИОТ СУД во Скопје го виде тоа што беше толку очигледно, тоа што ние 6 месеци го “трубавме’, а тоа е дека е извршена ФЛАГРАНТНА повреда на ПРОЦЕДУРАТА при изборот, со тоа што партискиот кандидат бил цело време ФАВОРИЗИРАН од страна на надлежната комисија во министерството, за сметка на останати кандидатки.
За да биде јасно, уште еднаш: УПРАВНИОТ СУД од Скопје го ПОНИШТИ решението за избор на лицето Васил Бубев за генерален директор во НУЦК „Антон Панов“ – Струмица. Рокот за жалба на „формално-правно чистото“ министерство тече, ние чекаме ПРАВДАТА да извојува ЦЕЛОСНА ПОБЕДА: да се назначи в.д. директор од редот на вработените носители на дејност и најбрзо што може да се распише нов конкурс, на кој СИТЕ пријавени кандидати ќе имаат еднакви шански за докажување, па кој ќе биде подобар, нека победи.
И, сега, што правиме?
Госпожа министерке за култура Ирена Стефоска, да ве прашаме:
– Како сте? Како министерскиот живот (слушаме ич не било лесно)? Како ги минувате рекордните горештини?
– Ја добивте ли одлуката на УПРАВНИОТ СУД? Ќе ја прифатите ли истата или ПАК ќе барате волшебни начини на перење, за на крајот ПАК да испаднете формално-правно „чисти“? Помогнавме ли малку да ви се олабават рацете или уште ви се врзани?
– Ќе се извините ли на целата македонска јавност затоа што ве фативме во очигледен ОФСАЈД? Ќе почнете ли конечно да носите професионални и квалитетни кадри на раководни позиции во институциите на кои вие сте им министер или ќе продожите да ги бркате од работа тие што многу „таласаат“ ?
Не брзајте, ќе нѝ одговорите, сигурни сме, освен ако не заборавите, на пример како што заборавивте да дојдете на средбата во Струмица, што сами ја најавивте на една телевизија. И ако заборавите, не се секирајте, ние ќе ве потсетиме. Тука сме, на страната на вистината. А вие?
П.С. Како оди манифестацијата „Струмица–град на културата 2021“, и колку настани вие, како министер за култура, посетивте?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.