Која ви е првата асоцијација за месец септември? Средување на фото албумите (денес фолдерите во смарт телефоните и компјутерите) со спомени од летниот одмор, училиште, подготвување зимница, гроздобер…

Винарите и познавачите на виното – а, секако, уживателите во добрата капка, пред сè – често знаат да истакнат одредена година на берба како исклучителна во тој вински свет. Од друга страна, пак, истите тие познавачи на виното знаат да кажат дека останатите алкохолни и безалкохолни пијалаци се само – пијалаци. Виното е show business.

Централна тема во септемвриската програма на Кинотеката ќе бидат дигитално реставрираните култни српски филмови ( од југословенската ера). Десетте извонредни наслови се дел од едицијата „VIP Кинотека“ на Југословенска кинотека од Белград, во соработка со познатиот мобилен оператор. Но, насловот на таа едиција може да се „прочита“ и како „Very important pictures“, или „Многу важни филмови“.

Филмските критичари и историчарите на филмот, слично како винарите, знаат да истакнат одредена година како круцијална во „бербата“ на подвижните слики.

„Кога пиеш вино, тоа е исто како да пиеш историја на еден народ, како да читаш книга за него“, вели Французинот Филип Камби, светски познат енолог кој работи и за една македонска винарија.

А кога гледаш филм? Посебно ако ја имате можноста да имате чаша убаво вино во раката? Сигурно дека освен „голата“ приказна испливуваат сите можни валери на социо-културниот-политичкиот момент во кој е создавано едно филмско дело. Реконструкција на едно (подобро?) време.  

Кога сме кај филмските „берби“, 1967 е една од тие години во некогашната југословенска кинематографија која даде одличен квалитет. Целулоидната реконструкција на периодот на крајот на шеесеттите години од минатиот век во ексјугословенската кинематографија вели дека либерализацијата им дала крилја на филмските творци. Живоин Жика Павловиќ таа 1967 година снимил дури два долгометражни играни филмови, КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ (Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone) и БУДЕЊЕ НА СТАОРЦИТЕ (Budjenje pacova / The Rats Woke Up) – ние ќе го видиме првиот наслов – што не само од денешен аспект изгледа запрепастувачки кога станува збор за можностите за снимање филмови.

Заедно со ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ (Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator) на Душан Макавеев реализиран истата година, појавата на „црниот бран“ во југословенската кинематографија е востоличен. Вреди да се напоменат две работи. „Црн бран“ е политичко-идеолошка квалификација на тогашните власти, додека критиката и историјата повеќе го милува терминот „нов бран“. Инаку, поновите критичко-историски согледувања ги рехабилитираат делата на Воислав Нановиќ (режисерот на првиот македонски долгометражен игран филм ФРОСИНА од 1952) од шеесеттите, кога се вратил од САД, како пионер (и) во создавањето критички интонирани филмови.

И, како и да бил квалификуван тој творечки бран, не траел долго. Четири години подоцна Макавеев со филмот В.Р.: МИСТЕРИИ НА ОРГА(НИ)ЗМОТ (W.R. – Misterije organizma / R: Mysteries of the Organism) и Лазар Стојановиќ со ПЛАСТИЧЕН ИСУС (Plastični Isus / Plastic Jesus) од 1971 биле поводи за финална пресметка на власта со „црните“ автори, преку судски процеси и отежнувања на идните проекти.

Како и во други преломни времиња, и овој период не е лишен од парадокси. Кон крајот на шеесеттите југословенската кинематографија ги бележи најголемите интернационални дострели – Александар Петровиќ со СОБИРАЧИ НА ПЕРДУВИ (Skupljači perja / I Even Met Happy Gypsies) во 1967 ја доби Големата награда на жирито и наградата ФИПРЕСЦИ во Кан, а беше номиниран и за „Оскар“ за најдобар странски филм; Желимир Жилник со РАНИ ТРУДОВИ (Rani radovi / Early Works) во 1969 ја освои „Златната мечка“ и наградата на младата публика на Берлиналето – и тоа со филмови кои естетски спаѓаат во тој фамозен „нов/црн бран“. Од друга страна, пак, Макавеев емигрира од Југославија и снима во Франција, Австралија и Германија, а Стојановиќ по затворската казна никогаш не му се врати на филмот: беше новинар-дописник на странски медиуми, политички активист…

Кога станува збор, пак, за останатите наслови од „големата десетка“ на Југословенската кинотека во септемвриската програма, ќе се повториме ако напишеме дека се работи за култни наслови. Кога би се собрале легендарните реплики од филмовите на Слободан Шијан, Горан Марковиќ, Душан Ковачевиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ… тогаш слободно би можело да се издаде една мала книшка за голема веселба на духот.

Септемвриската програма ја отвораме со НЕДЕЛАТА НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ, со новите наслови од германска продукција. Ќе се потсетиме на неколку наслови од европска продукција кои изминатиов период го привлекоа вниманието на филмофилите, а во пресрет на националниот празник 8 Септември ќе ја прикажеме приогодната програма 30 ГОДИНИ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ со неколку кратки документарни наслови.

Минатиот месец замина актерката Сабина Ајрула-Тозија: во нејзин спомен ќе го прикажеме играниот филм ЖЕД на Димитрие Османли од 1971 година.

Проекциите од септемвриската програма ќе бидат комбинирани: кога временските услови ќе бидат поволни, проекции на отворено; во останатите случаи во кино-салата, со почитување на здравствените мерки. 

Целосна програма ТУКА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.