На Зум, он-лајн, вечерва (сабота, 14.08.2021) со почеток во 19 часот со разговорот со Ѓорѓи Јовановиќ, КП Центар-Јадро ја заокружува својата презентација на творештвото на македонски визуелни уметници.

Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти.
Оваа програма ја реализираме преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Серијата на презентации на македонски уметниција заокружуваме со преглед на творештвото на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, автор кој припаѓа на генерацијата уметници кои се вклучуваат на сцената во почетокот на 21 век. Јовановиќ, е еден од нашите најприсутни и најактивни уметници на локалната и регоналната ликовна сцена, чија кариера континуирано се развива во повеќе различни насоки, акумулирајќи исклучително богат и репрезентативен опус.
Во последните речиси две децении, неговите дела, реализирани во различни медиуми и на различни теми се изложувани на бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство. Преку мноштво слики и цртежи, инсталации, објекти, интерактивни, партиципативни и колаборативни проекти, но и како иницијатор и организатор Јовановиќ дава значаен придонес во развојот на современата уметничка сцена.
Делата кои се препознатливи по еден специфичен тип хумор, допираат сериозни теми што се однесуваат на општествениот контекст, јавниот простор и слободата на изразување, отворајќи прашања важни во актуелните момент.
Во презентацијата, Јовановиќ ќе се осврне на еден специфичен дел од својот опус, преку дела кои се развивани со цел надминување на фокусот од уметничкиот предмет, во насока на интерактивност и колаборативност. Меѓу делата за кои ќе стане збор се „Депресијата на новогодишната ноќ“ (2005), „Рецесијата на новогодишната ноќ“ (2008), „Исповедите на еден јадач на колачи“(2010), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ (2014), „Радио Слободно Скопје (2015/16). Преку нив ќе ни открие повеќе и за својата инспирација, неговиот пристап, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, како и контекстот во кој се создадени, изложувани и презентирани.

Во разговорот ќе стане збор и за некои значајни меѓународни претставувања, како што е проектот со кој учествува на изложбата „Поголемо од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ во MAXXI во Рим, курирана од Зденка Бадовинац.Ќе поразговараме и за улогата на институционалната мрежа во локалниот контекст, ќе се осврнеме и за учеството во колективот Свирачиња и Иницијатива Кооперација, како и за сегашната позиција во КСП Центар-Јадро, и значењето на реализираната и проектираната програмска активност во унапредување на локалната уметничка сцена.

Ѓорѓе Јовановиќ (1980, Скопје)
Има реализирано повеќе проекти во чијшто фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, меѓу кои: „Обезглавените“ – Прима центар Берлин (Берлин, 2020), „Chocolate Drops“ – галерија „Хоаст“ (Виена, 2018), „Радио Слободно Скопје“ – Центар за современи уметности (Скопје, 2015-16), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ – Музеј на современата уметност (Скопје, 2014), „Исповедите на еден јадач на колачи“ (Ровињ, 2013), „Фрагментарниот архив на уметникот од земјата во транзиција“ (Њујорк, 2010), „It’sComplicated“ (Грац, 2010) итн.

Селектирани групни изложби: : „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ , MAXXI, Рим (2021) Panic Room, Музеј на современата уметност, Скопје, (2020) Се што ни е заедничко, Музеј на современата уметност, Скопје, Третиот простор, Павињон Мештровиќ, Загреб, Хрватска, Галерија Жилберт Гајар, Клермнт Феран, Франција,(2019) Guerilla of Enlightenment, They Should`t Be Able To Pretend They Didn`t Know Anything, Галерија „Ротор“ (Грац, 2018), Ponovo upotrebiti: Past As Costume. Inspiration, Захента проектен простор (Варшава, 2017), Balkon zum Balkan, Stadlishe kunsthaus БаденБаден, Vienna Independent Shorts, Stadtkino – Kunstlerhaus, Виена, Balkan?, Oslo 10 (Projektarium – IAAB), Базел, Participation – Participatory Practices as Artistic Strategy, Tirana Express (Тирана, (2013), Re-locate, Rumeli Han, Истанбул (придружна програма на 12. Истанбулско биенале), Shelter, Shelter Island (Хемптонс, САД, 2011), 255.804 km2, HilgerBrot Kunsthalle, Виена, 4.Performance festival, Mahmud Moktarh Cultural Center, Каиро (2010) итн.

Остварил повеќе резиденцијални престои: IAAB – Базел, TICA – Тирана, La Cité internationale des Arts – Париз, Watermill Centеr Њујорк, „Апартмент проект“ – Истанбул, ISCP – Њујорк, CCN – Грац.
Добитник е на повеќе награди: Денес за млад уметник за 2009 година; наградата за видео на меѓународниот фестивал „Алтернативен филм/видео“ во Белград, 2009; фестивалот АКТО, Битола, 2012; и Најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници, Музејот на современата уметност за 2013 година.

Владимир Јанчевски(1984, Скопје)
Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност(2009-2011).
Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015).
Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции.
Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.