Колку сме ние одговорни за нашите животи, колку наметнатите вредности нè тераат да одиме против сопствената волја, колку длабоко сме потонати во патријархалните вредност кои не ни даваат да погледнеме подалеку од наметнатата граница се прашањата кои ги поставува македонската режисерка Нина Николиќ, чија претстава „Нема да биде крај на светот“ в сабота, на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот ќе ја има македонската премиера.

Автор на текстот е Аднан Лугониќ, а во претставата играат Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ.

Николиќ (34) има две универзитетски дипломи, магистратура и докторат на Факултетот за драмски уметности. Многу често работи копродукциски проекти, а нејзините претстави често гостуваат на Фестивали. За меѓународните копродукции вели дека се иднината на театарот и ги тераат режисерите да имаат поголема одговорност кон она што го работат.

Николиќ, во интервју за „Република“ вели дека сè додека сме здрави, можеме и мораме да бидеме одговорни за својот живот. Задоволната, исполнета индивидуа е добра и за општеството и за семјеството – неисполнетиот човек е извор на несреќа за околината, а посебно за најблиските.

Сè додека сме здрави, можеме и мораме да бидеме одговорни за својот живот, вели Николиќ

По сараевската премиера, на 18 септември годинава, в сабота, на 27 ноември, на сцената на МНТ, а во рамките на МОТ, е закажана скопската премиера на „Нема да биде крај на светот“. Скоро две години живееме под притисок дали пандемијата со ковид-19 ќе биде крај на светот. Што сакавте да истражите со оваа претстава?

НИКОЛИЌ: Трагедијата или индивидуалниот „крај на светот“ произлегува од одговорноста на секој поединец кон сопствената судбина. Или, како што вели и самиот автор (Аднан Лугониќ) во овој текст: „Секој е одговорен за својот живот“. Оваа претстава го истражува токму тоа: колку сме ние одговорни за нашите животи, колку наметнатите вредности нè тераат да одиме против сопствената волја, колку длабоко сме потонати во патријархалните вредност кои не ни даваат да погледнеме подалеку од наметнатата граница?
Одговор на сите овие прашања тешко дека може лесно и објективно да се даде, но важно e да ги поставуваме и, ако ништо друго, да отвораме дискусија за нив. Мое лично мислење е дека сè додека сме здрави, можеме и мораме да бидеме одговорни за својот живот. Задоволната, исполнета индивидуа е добра и за општеството и за семјеството – неисполнетиот човек е извор на несреќа за околината, а посебно за најблиските. Мораме да излеземе од шаблонот да се уништуваме себеси во име на тоа да ги направиме среќни другите. Таквата среќа кратко трае, а потоа внатрешната, наталожена агресија се распространува насекаде како мувла и таа никако и никогаш не може да се искорени. Така што пандемијата, не би требало да донесе крај на светот, но тоа ќе се случи само ако преземеме чекори да се заштитиме себеси и да ги штитиме и другите.

Мораме да излеземе од шаблонот да се уништуваме себеси

За какви други „краеви на светот“ се говори во претставата?

НИКОЛИЌ: Претставата говори за „краевите на светови“ кои секој поединец си ги наметнува сам на себе, или за „крај на светот“ како личен и изговор пред другите дека не можеме подбро, дека некој друг е виновен за нашата несреќа, дека сè би било поинаку кога би се родиле на некое друго поубаво место… Според мене „крај на светот“ е само изговор за мрзеливоста и немањето храброст да се дејствува. Како да ни е полесно да се убедуваме едни со други дека е „крај на светот“ наместо да направиме нешто за тој да не ни се случи ниту нам, ниту на оние околу нас.

На почетокот од пандемијата како се да запре, а тоа најмногу се почувствува во театарот и на филмот, потребно беше време да се најдат модели за работа кои ќе ги заштитат сите лица вклучени во процесот. Но, Вие често работите копродукции, многу сте активни, не чекате на програмата на Министерството за култура. Колку е важно, добро или позитивно да се работат копродукции?

НИКОЛИЌ: Сосема логично е тоа што театарот беше/е најзагрозен од пандемијата. На сцената никако не може да се придржуваме кон основните протоколи за заштита од вирусот. Од самиот почеток на оваа состојба сметав, и сè уште стојам зад тоа, дека театарот не треба да наоѓа алтернативни начини за работа. На тој начин се загрозуваат и ставаат под знак прашање основните постулати на театарската уметност: изведба во живо, пред публика во живо. Театарот беше и делумно сè уште е на принудна пауза. Таа пауза треба да ја разбереме како нешто неизбежно кое нема да донесе ништо лошо, туку напротив, ќе го направи театарот посилен, подобар и попривлечен за публиката. Моментално единствен модел за враќање во театарот е вакцинацијата, која е според мене, е единствен начин да се спасиме од оваа агонија.
Меѓународните копродукции се иднината на театарот, зашто тие нè тераат да имаме поголема одговорност кон она што го работиме, но и постојано да се преиспитуваме и докажуваме пред друга публика, професионалци, соработници… Постојаната работа на мал простор каков што е Македонија носи само затварање, создавање лажна слика за себеси и често пати чувство дека претстави се прават лесно и брзо.
Министерството за култура е должно да ги препознае, поддржи и стимулира ваквите иницијативи, посебно кога доаѓаат од независни културни организации кои ја претставуваат нашата земја надвор од границите на државата.

Постојаната работа на мал простор каков што е Македонија носи само затварање, создавање лажна слика за себеси

Како ја избирате екипата со која работите во копродукциите? Можам да забележам дека еден дел тимот ви е проверен, со нив често соработувате.

НИКОЛИЌ: Целокупната екипа со која соработувам ја одбирам многу внимателно. Мислам дека најважно за театарскиот процес и понатамошниот живот на претставата е да се работи хармонично, релаксирано и без тензии помеѓу учесниците, а особено помеѓу актерите. Сакам да работам со луѓе со кои знам дека имам добра соработка и разбирање, добра екипа се гради тешко и таа не треба да се менува. Од друга страна, возбудливо е и внесување на нови луѓе во тимот. Во оваа претстава за прв пат соработував со сценографот Ангел Петровски кој внесе квалитет, свежина и прекрасна енергија во веќе претходно добро познататата екипа.

Во претставата играат актери од два театарски ансамбли, говрат на различни јазици. Колку таквиот пристап беше дел од театарското истражување?

НИКОЛИЌ: Употребата на два јазика ја сметав за истражување кога двојазично ја работев претставата „Отело“, сега сметам дека да се игра на два, три или повеќе сродни јазици е сосема нормално. Не сме ни свесни колку често комуницираме на овој начин во приватниот живот во комуникација со луѓе од регионот, па и со најблиските. Станува збор за јазиици кои толку добро се разбираат меѓусебно што по одредено време не ги ни третирате како странски. Мислам дека мораме да се отвораме кон регионот, просторот на поранешна Југославија, Бугарија…
Верувам дека можеме ние да бидеме заеднички културен простор, простор каде секој на свој начин ќе придонесува за заеднички да изградиме културен фронт кој ќе застане пред поделбите, разгорувањето на национализмот и нечија желба за потпалување омраза и создавање нови поделби. Сигурна сум дека културата може и мора да се издигне над ниските страсти и да покаже дека политичките тензии се конструкт на нечија желба за спречување на заедничкиот напредок. Јазиците се нешто кое толку многу нè спојува, но и кое јасно покажува дека секој од нас има своја специфична традиција, историја и култура. Преку нивно „мешање“ на сцената ние ги докажуваме двете работи – колку сме блиски, а колку различни и посебни. Мислам дека вистинските промени на овие простори ќе се случат токму тогаш кога ќе го прифатиме – дека сме исти, а сепак посебни.

Претставата „Нема да биде крај на светот“ веќе освои и награди на Фестивал во БиХ. Каков е планот за нејзиното прикажување? Ќе оди ли и на други Фестивали?

НИКОЛИЌ: Претставата „Нема да биде крај на светот“ освои четири награди на фестивалот „Живи фест“ Живинице, јас и тројцата актери добивме индивидуални награди за режија и актерска игра, соодветно. Земајќи предвид дека оваа претстава произлезе од нашата желба да направиме заеднички проект кој ќе можеме да го играме во време на пандемија, наградите кои ги добивме од страна на исклучително кометентно и жири со интегритет се голема сатисфакција, зашто покажуваат дека за театар најмногу од сè е потребна вистинска желба за создавање. Она без што овој проект сепак немаше да биде возможен е довербата што ја добивме од страна на Македонскиот народен театар на чело со Симона Угриновска и Сараевски ратни театар САРТР на чело со Алеш Курт кои како копродуценти на претставата ја ставија на своите редовни репертоари. Така што, следните три изведби на претставата се веќе во декември во МНТ, а потоа на почетокот на следната година во САРТР. Што се однесува до фестивали, на сите ни е посебно драго што скопската премиера ќе биде токму на МОТ. Тоа е фестивал со кој сум на посебен начин емотивно врзана и каде секогаш ми е драго да учествувам. Фестивал кој во последниве 10-тина години со љубов го работи фантастичниот тим на МКЦ предводен од Русе Арсов кој со својата визија направи стратешки поместување на начинот на гледање на културата во земјава и кој беше еден од ретките, можеби единстевниот, кој во пандемијата не ги заборави уметниците кои немаа загарантирани приходи. Две работи за кои и уметниците и државата треба да му бидат благодарни.
По МОТ веќе имаме најавено гостување во Грција некаде на пролет, а сигурна сум дека со тек на време ќе следат покани и од други театри и фестивали.

Јазиците се нешто кое толку многу нè спојува, но и кое јасно покажува дека секој од нас има своја специфична традиција, историја и култура

Вие сте дел од европскиот проект „Патишата на хероите“, чиј коородинатор е МНТ. Треба да режирате претставата „Народен непријател“ според текстот на Ибзен. До каде е проектот и кога може да се очекува премиерата?

НИКОЛИЌ: Претставата „Народен непријател“ е во фаза на реализација. Сè уште се во тек читачките проби. Работам со исклучителна актерска екипа која е главна движечка и креативна сила на овој проект. Премиерата се oчекува некаде на пролет, а дотогаш мораме да останеме пред сè здрави.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.