Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги посети Драмскиот театар – Скопје и Театарот „Комедија“ каде што имаше можност да поразговара со директорите на овие установи за тековните проекти.

На средбата со в.д. директорката на Драмскиот театар, Катерина Коцевска-Хаџи Василева, беше истакната неопходноста од продолжување на инвестициите со цел да се обезбедат соодветни услови за функционирање на оваа установа.

Минатата година беа направени одредени интервенции во објектот, беше набавена и светлосна опрема, а оваа година треба да започне обновата на сценскиот под за што ќе бидат издвоени значителни средства. Во Драмскиот театар, меѓу другото, во февруари ќе почнат подготовките за новата претстава „Моето име е Горан Стефановски“, во режија на Бранислав Миќуновиќ, која премиерно ќе биде изведена на 26 март.

Претставата „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ, пак, ќе гостува на Меѓународниот фестивал „РУТА група Триглав“, кој ќе се одржи во Љубљана, Словенија.

Министерката Костадиновска-Стојчевска се сретна и со Дарко Спасов, в.д. директор на Театар „Комедија“, институција која годинава одбележува 10 години од формирањето. Тој ја информираше министерката за плановите и за проектите за нови гостувања и премиери, како и за традиционалниот фестивал „Гола месечина“.

Костадиновска-Стојчевска најави дека годинава ќе продолжи финансирањето во делот на инвестициите за објектот, за подобрување на условите за работа, во кој функционира и НУ Турски театар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.