Овој четврток, со почеток во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија ќе настапи дуото виолини Владимир Костов и Марко Поп Ристов. На програмата се дела од Глиер, Шпор и Горецки.

Владимир Костов е роден во Битола, каде го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во класата на истот профеоср, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД). Во 1999 година е избран како едиствен претставник од Македонија во реномираниот Светскиот оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Џејмс Енес, Даниел Милер Шот). Со овој оркестар ,на концертните турнеи во 1999, 2000 и 2005 има неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот – Национален Арт Центар Отава, Линколн Центар, Универзитетот во Харвард, Берлинска Филхармонија, Гевандхаус во Лајпциг, Келнска Филхармонија, Концертхаус Берлин , Концертхаус Виена, Шпанија, Полска, Кина итн. Настапува и со оркестарот Исток-запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ. Камерната музика представува негов особен интерес и тој е член на повеќе камерни состави оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, ансамблот за современа музика „Кон Темпора“, основач е на клавирското трио „ВАМ“ и многу други. Редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија меѓу кои „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“ , „Охридско лето“ , „Скопско лето“ , „Битолско културно лето“ , како и во странство – Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија , Хрватска, Полска, САД… Член е и концерт мајстор на меѓународниот оркестар „Nо Borders“ каде во концертната турнеја во 2021 година настапува и како сoлист. Добитник е на наградата ,,Георги Божиков“. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“. Моментално работи како концерт- мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Марко Поп Ристов дипломирал на Ројал Колеџ оф мјузик (Лондон) во 2009 година. Се здобил со титулата магистар по камерна музика на музичкото и драмско училиште Гилдхол во Лондон, а во истиот период го имал и своето деби во Барбикан во 2012 година. На возраст од 16 години бил поканет и награден со стипендија да студира кај професор Павел Верников во „Scuola di Musica di Fiesole“ во Фиренца, Италија. Има добиено повеќе први награди на различни интернационални натпревари, како што се: Performing Australian Music (Лондон, 2008), Giovanni Batista Pergolesi (Италија, 2003) и Петар Коњовиќ (Југославија, 2001). Свири како солист со Кенсингтон синфонија (Британија), Orchestra dei Ragazzi (Италија), Битолскиот камерен оркестар и Националниот симфониски оркестар на Македонија. Со неговиот Ристов квартет, настапувал на фестивали и сцени ширум Европа, како Британија, Франција, Швајцарија, Македонија, Косово и Србија. Во 2010, квартетот бил поканет да настапи со Ромбах пијано триото на П. Дусапин на сцената на Би-Би-Си Промс. Од неговото доаѓање на Нов Зеланд во 2013 година, Марко е редовен изведувач во Филхармонискиот и Камерниот оркестар на Окланд, а воедно е и водач на втори виолини во оркестарот „Бах музика“. Марко е основач и на Вилани пијано квартет со кого од 2016 до 2019 години имаат остварено повеќе од 30 концерти ширум Нов Зеланд. Со ансамблот „Велрко“ го издаде првиот албум со дуетите за виолина и виолончело од Р. Глиер во 2021.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.