На 27. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ кој заврши синоќа во Струмица се одигра претставата „Шепоти од вода“ на драматургот Горјан Милошевски, а во режија на Срѓан Јанаќијевиќ. Доцна синоќа беше прогласувањето на добитниците на наградите, а „Шепоти од вода“ доби награда за ангажиран пристап во третирањето на современите еколошки теми. Улогите во претставата ги толкуваат: Јулија Милкова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Коста Ангов, Игор Тодоров, Стојан Велков – Трн и Бранко Бенинов.

Драматургијата е на Ацо Гогов и Никола Сарајлија, а сценографијата на Љупчо Јованов. Костимите ги изработи Лидија Георгиева, а кореографијата ја подготви Александра Кочовска-Начева. За дизајнот на светло е задолжен Илија Тарчуговски, за звукот Илија Цветковски, а плакатот е дизајн на Ване Костуранов.

Ќе ни остане ли вода за пиење? Воздух за дишење? Храна за јадење? Земја за плодови? Ќе остане ли некој од нас и каде на планетава? Ќе најдеме ли заеднички модел, ние луѓето, да опстанеме заедно со природата? Ќе прифатиме ли комплетна промена на целиот свет за да почнеме нови и нови генерации кои ќе носат само иднина, а не пропаст?  Сите овие прашања ги отвора „Шепоти од вода“, вели во интервју за „Република“ драматургот Милошевски.

Милошевски е роден во Скопје, Македонија во 1981 година. Тој е драмски автор, драматург и сценарист. Дипломираше на „Факултет за драмски уметности“ во Скопје. Работи како драматург и автор во „Театар за деца и младинци“ во Скопје. Како драмски автор дебитираше во национален театар со претставата „За домот се работи“ во режија на Мартин Кочовски. Во јуни, 2018 г., Милошевски ја освои престижната награда за најдобра современа сценска драматизација на театарскиот фестивал во Македонија „Војдан Чернодрински“. Наградата беше врачена за текстот по кој се изведе претставата „Клетници“ во режија на Кочовски според истоименото дело на Виктор Иго. „Клетници“ ја освои главната награда за најдобра претстава. Темите во неговите текстови варираат од социо-политичките контексти до длабоките и скриени сфери на човековата природа.

Токму претставата „Како се прави човек“, во режија на Хана Миленковска, ги опфаќа тие сфери преку човечките стравови и социјални карактеристики. Горјан Милошевски е еден од авторите на текстот, а претставата освои Гран при на интернационалниот фестивал „Лица без маски“ во април, 2019 година.

„Шепоти од вода“ е неговиот најнов драмски текст за истоимената претстава во режија на Јаниќијевиќ и во изведба на актерите од театарот „Антон Панов“ во Струмица. Оваа драмска содржина продира во мрачните делови на човековите гени и природа во еден дистописки, футуристички контекст.

Во понеделникот на Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица беше изведена Вашата претстава „Шепоти од вода“, првично напишана како радиодрама. За што се говори во текстот?

МИЛОШЕВСКИ: Да, тоа е претставата што ја работевме со супер посветените актери од „Антон Панов“ и неуморниот, инвентивен, Срѓан Јаниќијевиќ. Текстот за претставата го напишав со прекрасна поддршка и предлози од режисерот и актерите. Зборува за шест многу млади луѓе кои бегаат од една голема корпорација, „Изи лајф рисорсис“ (Easy Life Resources). Таа е една од водечките во светот и се одржува преку своите робови рудари – деца кои не можат да ги доживеат ни своите 13, а многу од нив умираат и на своите 7. Тие се синтетизирани, создадени по пат на вештачко оплодување за да копаат и да преработуваат руда и да вадат злато. Пет од тие шест деца се рудари, а шестата е всушност ќерката на сопственикот на „Рисорсис“, г-дин Ешворт. Тие имаат мапа што треба да ги однесе до оаза каде има чиста вода и многу живот и зеленило. Во рудникот и во корпорацијата пијат прочистена вода, но малите рудари ја пијат највалканата вода, вода со екстремно лош квалитет, скоро чиста кал. Тие бегаат да ја најдат чиста вода, чиста храна – оазата, Акварион каде сакаат да почнат нов живот, нов свет. Бегаат да се спасат од злото и отровите во рудникот, да му покажат на светот дека може поинаку, дека може да се живее сосема поразлично и подобро. Да бидам поконкретен, се обидуваат да го постигнат сето ова.

Подолго време работевте на текстот. Зошто денес се многу важни прашањата кои ги отвора „Шепоти од вода“?

МИЛОШЕВСКИ: Се случува најголемото, најбруталното уништување на природата, на екосистемите, на илјадници видови од светската флора и фауна. Се прават крвнички рекорди во емисии на јаглерод диоксид и фрлање ѓубре, во ненормален процент – пластика, во океаните. Светската биота доживува напад од човечкиот консумеризам, ненаситност, напаст, алчност и деструктивна себичност. Корпорациите и особено тие кои прават рудници се едни од најсериозните предизвикувачи на загадувањето. Само, контаминацијата доаѓа од најразлични страни и во тоа сме дебело инволвирани сите ние и луѓето со моќ и луѓето како мене и тебе и другите обични (по однос на политичката власт) луѓе. И кога се доведуваме до прашањата: Ќе ни остане ли вода за пиење? Воздух за дишење? Храна за јадење? Земја за плодови? Ќе остане ли некој од нас и каде на планетава? Ќе најдеме ли заеднички модел, ние луѓето, да опстанеме заедно со природата? Ќе прифатиме ли комплетна промена на целиот свет за да почнеме нови и нови генерации кои ќе носат само иднина, а не пропаст?  Сите овие прашања ги отвора „Шепоти од вода“.

Во нашиот микрокосмос има ѓубре и депонии на секој чекор, пожари ги голтаат планините околу нас, водата и почвата се загадени. Горат шуми, а океаните се претворени во пластика. Зошто толку се отуѓивме од природата?

МИЛОШЕВСКИ: Поради нашиот луд консумеризам и нарцисоиден став како жив вид, како луѓе. Поради тоа што корпорации и моќници напаѓаат по ресурси и ја трујат планетава додека ние од нив добиваме визор за виртуелна реалност, конзола за видео игри и газиран сок со секси арома на лимон за „луѓе со став“ или флаширана вода со убави боички и дизајн на етикетата. Добиваме литиумски батерии за нашите електрични мопеди, точаци, коли со кои треба помалку да загадуваме, а за тие да се произведат се загадуваат цели подрачја и тоа се шири. Тие кога ќе се фрлат не прават ништо друго освен што ја контаминираат земјата. И уште на многу од нас, ни одговара тој комфор. Не можеме да префрламе вина само на политичари и корпорациски магнати, севкупна е, се’општа е таа вина. Вистина е дека корпорациите се насилна и алчен фактор за уништувањето на живиот свет и природните ресурси на планетава ама па ние ништо не правиме, ужасно малку правиме за да престане тоа. Исто така многу од нас го поддржуваат тоа, не сакаат да реагираат поради интерес или страв и многу од нас најнеодговорно и најсебично загадуваат и предизвикуваат пожари. Мал ли е бројот на примери на луѓе што палат зелени површини за да направат терен за одгледување стока или луѓе кои палат стрништа на високи температури или луѓе кои палат поради валкани договори за оштета или уште полошо луѓе кои сакаат да одгледуваат стока или да прават рудници и се врзани со функционери, властодржци како во случајот со Болсонаро во Бразил. Пред брзо време почнаа пожари и во Африка, а за тоа светот не беше информиран, само протече низ некој Јутјуб канал… Во Македонија, пред неколку години  се издале 86 концесии за изградба на рудници. И воопшто оваа влада и секоја влада во светот е тотално подложна на корупција и може да се купи во интерес на нови рудници од нови и нови корпорации… Медиумите, технологијата и таа човечка преголема самобендисаност, напаст, гордост и наметнатите непродуктивни стравови, ете најмногу поради тоа се отуѓивме од природата.

Како вашите ликови во „Шепоти од вода“ можат да се спротистават на експолатацијата?

МИЛОШЕВСКИ: Прво да избегаат, а потоа да изградат нов систем, нов живот, ново општество кое ќе донесе сосема поинаков свет… Тие бегаат од теророт на корпорацијата, бегаат од таа депонија на отрови и сакаат да бидат различни, да понудат нов модус на егзистенција што ќе го прекине страдањето и ужасот во светот. Што ќе донесе нови попаметни, слободумни, самодржливи генерации кои ќе живеат во склад со природата и комплетно ќе го сменат текот на светот… Тие, всушност, како што реков, се обидуваат да се спротивстават.

Кога гледаме дека институциите тешко се справуваат со прашањата кои се витални за опстанокот на човекот, тогаш дали поединецот е силен да придвижи нешто?

МИЛОШЕВСКИ: Поединецот е доволно силен да поттикне дел од другите поединци, да ги освести. Ама не може без сите други. На поединецот му требаат сите останати поединци. Како што реков сите сносиме одговорност, сите делиме вина за светот кој полека го губиме… Од моќници, славни до луѓе како нас, сите сме врзани во истата причинско-последична низа од делувања, постапки, ставови итн. Ако не сме обединети во борбата да го зачуваме овој свет и да му дадеме нов пат тогаш или ништо нема да направиме или катастрофално и погубно помалку ќе направиме.

Горјан Милошевски

Вработен сте во Театарот за деца и младинци, каде што работевте неколку драматизации и еден оригинален авторски текст. Дали имате нов текст кој ќе го понудите на некој од националните театри? Каква е соработката со другите театари?

МИЛОШЕВСКИ: До сега сум работел во неколку различни театри во Скопје, па во Битола, Прилеп и Струмица. Насекаде има талент и убав потенцијал за создавање провокативни, силни драмски содржини и слики. Нормално, секогаш, баш и поради тоа, сакам соработката да ми е широка. Секој пат сум отворен за работа во различни театри и секако и надвор од земјава. Сега ми посебно драго што следат два театарски проекти во кој ќе пишувам авторски, мои текстови. Во едниот сум ко-автор заедно со режисерката Хана Миленковска и ќе го опфатиме врсничкото насилство како еден актуелен проблем во Македонија. Тој проект е планиран во нашата матична театарска куќа, „Театарот за деца и младинци“, како младинска претстава. Во другиот ќе работам заедно со режисерот Лука Кортина на текстот што го напишав за еден многу специфичен социјален феномен, една нова социјална појава преку која ги истражувам границите меѓу вистинското пријателство и она што е изглумено, меѓу природното емотивно поврзување и она што е симулирано. Навлегувам во некои длабоки сфери на човековата природа преку еден лик кој како да е опериран од многу вообичаени односи, емоции, искуства, стресови зашто растел во поинаква средина. Текстот се вика „Игралиштето на Марко“ и веќе е планирано да почнеме со процесот во почетокот на ноември во Македонскиот народен театар.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива и Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.