Српскиот поп-пејач Жељко Јоксимовиќ нема да настапи на годинашното јубилејно 60. издание на меѓународната реномирана музичко-сценска манифестација „Охридско лето“, потврди во изјава испратена до медиумите директорката Наташа Поповиќ.

Настапот на Жељко Јоксимовиќ кој деновиве предизвика низа реакции во јавноста беше дел од работната верзија на програмата на Охридско лето. Како Национална установа официјалната програма ја соопштуваме на прес конференција која за јубилејното издание ќе ја одржиме деновиве. За жал, нацрт верзијата, која напоменувам не е конечна, деновиве се најде на социјалните мрежи со што одредени личности ја злоупотребија искажувајќи револт и бес без притоа да пофалат или во најлмала рака да напоменат дел од другите уметници кои се најдоа на истата работна верзија а се врвни уметнички имиња. Нема да судиме ниту да бараме причина зошто некој пред почетокот на ова јубилејно издание сакаше да ја омаловажи успешната традиција на највредниот фестивал кој го имаме. Остануваме посветени на финалните подготовки за почетокот на Фестивалот кој годинава поради Пандемијата Ковид 19, ќе биде на 4 август, вели во писмената изјава директорката Поповиќ.

Таа додава дека јавноста за брзо време ќе биде известена кои музички имиња и театарски претстави ќе го одбележат Охридско лето 2020 година.

Она што можам сега да го кажам е дека Жељко Јоксимовиќ нема да биде дел од програмата. Направени беа само првични преговори и не е потпишан договорот. Повторувам преговорите беа Јоксимовиќ да настапи во дополнителната програма, што фестивалот секоја година ја има покрај официјалната, во која се класичната музика и театарот. Што се однесува до бројните коментари кои ги преплавија социјалните мрежи деновиве, сметам дека она што за многумина овој концерт беше естрада е само нивно лично незадоволство. Концертот насловен како „Два света“ со синфониски оркестар од Белград, членови на белградската филхармонија, за познавачите на уметноста има вредност, вели Поповиќ.

Таа жали што Охридско лето изминативе денови беше сцена на разни препукувања.

Во време кога големи светски фестивали поради Ковид 19 се откажуваат, успеавме да направиме програма со која ја продолжуваме успешната традиција на Охридско лето. Ќе направиме се нашата најперстижна манифестација и оваа година да биде сцена за најуспешните и најдобрите секако почитувајќи ги препораките добиени од Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство и насоките на Министерството за култура, вели директорката на „Охридско лето“ Поповиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.