На летната сцена во Кинотеката во четврток, 22 јули, во рамки на серијалот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“ ќе се емитува концертот на босанската пејачка Амира Медуњанин, одржан во пулската Арена на 3-ти август 2018 година.

На Арената, со Амира на сцена учествувале и музичарите Бошко Јовиќ – гитара, Анте Гело – гитара, Бојан Зулфикарпашиќ – клавир и Звонимир Шестак, контрабас, како и гостите, меѓу кои и македонскиот музичар Исмаил Лумановски – кларинет и Никола Стајиќ – електрична гитара.

Програмата „Концерти во Кинотека со Croatia Records“ стартуваше на 1 јули, со концертот на Влатко Стефановски во „Лисински“, па продолжи со концертите на Јосипа Лисац и Раде Шербеџија, додека следниот четврток, 29 јули, ќе биде прикажан и последниот концерт од овој неформален серијал, инаку дел од богатата „BLU-RAY“ програма на дискографскиот гигант, кои, според сензибилитетот, одговараат на местото и на времето – станува збор за концертот на музичкиот волшебник „J.R. August: Live in Hrvatski Glazbeni Zavod“, соопштија од Кинотеката.

Како што посочуваат, доколку во четвртокот заврне, настанот од летната сцена на Кинотека се преселува во внатрешноста на оваа установа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.