Поради новите препораки на Комисијата за заразни болести, концертот „Камерна приказна” во четврток ќе може да се проследи онлајн на јутјуб каналот на Филхармонија, со почеток во 20 часот, информираат оттаму. На оние кои веќе купиле билети, ќе им бидат рефундирани средствата.

Филхармонија ги одложува наредните два концерти кои требаше да се реализираат на 15 и 22 април.

„Камерна приказна“ е насловен концертот на кој како солисти ќе настапат Елена Дојчиновска (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Кончерто да камера за флејта и англиски рог од Онегер и Камерна симфонија оп. 73а од Шостакович (арр. Р. Баршаи).

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Низ изминатите години, неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка.

Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во Филхармонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува помеѓу најталентираните флејтисти во нашата држава. Во текот на своето образование посетува бројни семинари и работилници кај истакнати флејтисти меѓу кои значајна е соработката во последните неколку години со истакнатиот флејтист од Бугарија проф. Георги Спасов. Досега се стекнала со бројни награди и признанија во замјава и во странство. Дојчинова, освен како дел од оркестарот на Филхармонија, активно е присутна на македонската музичка сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Филхармонија започнува во 2013 година,каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.

Владимир Лазаревски (1979) свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломирал и магистрирал во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, во класата на проф. Георги Желјазов. Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија (2002), како и на „Земјата и луѓето“ во Бугарија (2001). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика. Моментно, Лазаревски е вработен како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на Музичката академија при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик прогресив“, на ансамблот за современа музика „Контемпора“ и симфонискиот оркестар за филмска музика FAMES.Владимир Лазаревски свири на обоа „лаубин“, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои Пол Лаубин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.