Музеите работат, иако се затворени… Не ја пропуштајте ексклузивната можност онлајн да го проследите концертот на реномираниот македонски пијанист Дино Имери во Музејот на македонската борба. На 9 мај со почеток во 18 часот, настапот на Имери под наслов Концерт во изолација, ќе содржи изведби на дела од Бетовен, Рахманинов, Брамс, Дебиси и други. Дино Имери е еден од најреномираните македонски пијанисти кој настапувал со огромен успех на домашната и меѓународната музичка сцена, соопшти директорката на Музејот на македонската борба, Даниела Николовска.

Музејот на македонската борба нуди ексклузивна можност за проследување на солистички настап на реномираниот македонски пијанист Дино Имери, кој ќе се одржи на 9 мај, сабота, со почеток во 18 часот.

Настапот во живо под наслов „Концерт во изолација“ ќе содржи изведби од дела на Бетовен, Брамс, Дебиси, Рахмањинов и други. Концертот којшто ќе се одвива во салата на музејот, публиката ќе може да го проследи во живо преку социјалните мрежи.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршка Филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен Оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен Оркестар на Музичка Младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, Фестивал Охридско Лето, Скопско Лето, Интерфест – Битола и др.

Добитник на голем број награди и признанија, Имери бележи и бројни домашни и меѓународни дискографски изданија, а од Декември 2018 г. се стекнува со звање Доцент и предава на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје повеќе предмети од областа на Пијано, Камерна Музика, Корепетиција и Пијано во контекст.

Целосната програма за концертот:

1) Л. ван БетовенСоната бр.27 оп.90 e-moll

2) Ј. Брамс

Симфонија бр.2 оп.73, Прв став – Allegro non troppo

(Аранжман за пијано: Дијана Имери Илкоска)

*премиерна изведба на аранжманот*

3) К. Дебиси

“Месечева светлина”

 4) С. Рахмањинов – Прелудиум оп.23 g-moll

 5) “Јас те пратив на вода, Калино”

(Аранжман: Дино Имери)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.