На 5 Јуни 2021 година, со почеток од 20:30 часот, во Амфитеатар, стар град Созопол, во рамки на Меѓународниот Франкофонски Фестивал СОЛЕЈ ќе се одржи концерт „Скопје виа Созопол“ на БРАССТЕТ СКОПJE ( Александар Златески – труба, Диме Танчев – труба, Горан Илијевски – баритон, Енис Мехмедов – тромбон, Мицко Дамњановски – туба, Теодор Теодосиевски – ударни инструменти).

На програмата ќе бидат застапени дела од Нино Рота, Карлос Гардел, Анхел Виљолдо, Сони Компанек, М. Родригес, Астор Пијацола, Освалдо Фарес, Консуело Веласкез, Луис Бонфо.

БРАССТЕТ СКОПJE е нов (2019), но одличен брас состав од Македонија. Составен од одлични музичари кои со нивното повеќегодишно искуство од речиси сите сфери на музиката ќе пробаат да донесат добар звук, свежа програма и одлични настапи. Претежно свират музика прилагодена (аранжирана) за брас квинтет со додадени ударни инструменти. Тенденцијата е да се „избегне“ стереотипна програма за ваков состав и да се доближи популарната музика (вклучувајќи и филмска музика и популарната класика) до публиката.

Секогаш пробуваат да имаат настапи на отворени сцени концерти во паркови, на плоштади и други места на кои не можете многу често да слушнете концерт. Така всушност и почна приказната на Брасстет Скопје… првиот концерт се случи на почетокот на летото на фестивалот Скопско Лето 2019 – Концерт на плоштадот Јадран. Продолжи на завршувањето на летото преку концерт на фестивалот Звуците на чаршијата со концерт во скопската чаршија. Но, во 2020та следуваат серија концерти на повеќе затворени концертни сцени низ Македонија (Скопје, Кочани, Кавадарци, Неготино…)

Како приоритетна програма би ги издвоиле популарната класика, компилации од филмска музика, евергрин теми и поп теми од повеќе жанрови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.