Македонската уметница Даница Стојанова, во среда ќе настапи во Рим, во рамки на најголемиот национален фестивал во организација на концертната агенција “Ил Темпието”.

Минатата година настапив во театар Марчело во божествена атмосфера, имаше посетеност и организаторот беше задоволен од мојот настап па добив втор датум. Ќе настапам со дела од железниот класичен репертоар на Медтнер, Шопен како и дела од современите Зографски и италијанскиот композитор Миренци – вели Стојанова.

Даница Стојанова е родена во Струмица – Македонија каде и го завршува основното музичко образование kaj наставник Софија Вета. Средното училиште ДМБУЦ Илија Николовски Луј го завршува во Скопје кај проф. С. Пановска, а во меѓувреме соработува со професорите Д. Трбојевиќ и Арбо Валдма на Музичката Академија во Белград-Србија. Потоа ги завршува своите студии по пијано кај проф. Јокут Михаиловиќ и магистрира на ФМУ во Скопје . Активно учествува на Интернационалните Музички Академии по пијано во Белгија, Русија, Бугарија, Мароко, Германија, Холандија и работи со светски познатите педагози како Жени Захариева, Акил Дел Вињ, Жак Рувие, Људмила Рошчина, Хериберт Кох, како и на мастер класите по камерна музика во Суздаљ Русија каде работи со исклучителната проф. Гајдамович, Сашико Кодама Јапонија и др. Таа денес е еден од најреномираните професори по пијано и камерна музика во средното училиште ДМБУЦ И.Н.-Луј каде постигнува високи резултати со своите ученици на државната и меѓународната сцена. Член е на жири комисии на престижните натпревари по пијано и камерна музика во регионов ( Македонија, Србија, Бугарија, Косово). Држи мастер класи за пијано во Македонија, Малезија, Косово, како и стручни предавања на меѓународни фестивали ( Шопен фестивал-Белград, Епта-Скопје, Шопен фестивал- Куала Лумпур ). Има настапувано како солист со Македонска Филхармонија и Видинска Филхармонија ( Бугарија).
Добичничка е на наградите „Најдобар уметнички пијано соработник“ на 22 – от меѓународен натпревар „Музиката и луѓето“ (2004) -Софија, награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија доделена од Музичките и балетски педагози на Македонија ( 2007), награда за одлични педгошки достигнување ( 2009 ) Бугарија, награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија (2011) Македонија. Од 2016 година таа е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“. Во 2019 година по повод 85 години од раѓањето на композиторот професор Томислав Зографски доби специјално признание од Фондацијата Томислав Зографски, за посветеноста на музиката и уметноста и бројните концерти ширум светот, за промоција на творештвото на Зографски и македонското музичко творештво. Автор е на книгата „Фредерик Шопен-поет на пијаното“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.