Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на гудачкиот квартет „Асасело“ од Германија. Ќе настапат виолинистите Ростислав Кожевников и Барбара Штрајл, Јустина Шлива на виола и Тееми Мјоханен на чело. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Квартетот „Асасело“ е формиран во Базел во 2000 година, уште додека неговите членови биле студенти на отсекот за камерна музика на тамошниот факултет. По дипломирањето квартетот се сели во Келн каде членовите продолжуваат да работат и да студираат под менторство на познатиот квартет „Албан Берг“.

Членовите на „Асасело“ кариерата ја започнуваат со победата на натпреварот „Мигрос Културпроцент“ во Цирих по што следат турнеи и интернационални концерти во Унгарија, Русија, Холандија и Велика Британија.

Дополнителната програма на „Охридско лето “ вечерва ќе донесе две изложби. „Кина во моите очи“ е темата на изложбата што ќе биде отворена во 19 часот, во малиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“.Изложбата на фотографии има цел да ја претстави природата, историјата, развојот и промените во Кина, како и пријателството помеѓу Кина и Република Македонија, преку ретроспективата на македонските граѓани. Годинава се навршуваат 70 години од создавањето на Народна Република Кина и по тој повод, Амбасадата на Н. Р. Кина во Република Македонија, организира изложба на фотографии на која учествуваат сите граѓани кои ја имаат посетено Н. Р. Кина.

Во организација на фестивалот „Охридско лето“ и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, во Куќата на Робевци со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложба на сликарот Стефан Хаџи-Николов. Ова ќе биде 77-ма самостојна изложба на Хаџи-Николов и осма во Охрид со што, сликарот го одбележува 30-годишното присуство на охридската ликовна сцена. На изложбата ќе бидат претставени 40 слики од 3 творечки циклуси на авторот:знаменитостите на Охрид, дела со фигуративна тема и слики од циклусот „Пејзажи на душата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.