Оваа сабота, на 29 февруари, во Камерната сала на Македонската филхармонија, во 20 часот, концерт ќе има извонредното француско трио „Ана Кап“, заедно со македонскиот диригент и композитор Џијан Емин, како и со Гудачкиот квартет во состав: Марија Трајковска – виолина, Бојан Илкоски – виолина, Оливие Самуилан – виола (Франција) и Марија Михајловска – виолончело.

Триото „Ана Кап“ – Пјер Миле, труба, Мануел Декок, виолина и Жан Мишел Трото, хармоника, веќе имаше концерт во Филхармонија кога го презентираше фантастичното „Траума шоу“.

Овој заеднички проект ќе донесе сосема нова музика, досега неотсвирена, која во моментот се снима за нов албум, кој треба да излезе за неколку месеци. Премиерно ќе бидат отсвирени композиции на Пјер Миле, Мануел Декок, Жан Мишел Трото и Оливие Самуилан.

Инаку, концертот „Ана Кап, Џијан Емин и Гудачи“ ќе претстави музика, која во себе ги инкорпорира европските и балканските мелоси, а во кои се мешаат танцовите форми, џезот, класиката…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.