Во рамки на 23. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2022 во сабота (26 ноември) во 13 часот во Дом на АРМ во Скопје ќе се одржи концерт за деца насловен „Карневал на животните“.

Македонската детска публика ќе има единствена можност во живо да ја слушне фантастичната композиција Карневалот на животните во изведба на виолинстката Пламенка Трајковска а во пијано придружба на Ајхан Куртов. Наратор на концертот ќе биде нашата поетеса Анита Бошкова. Специјални гости се ученици од училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ од четврто четири одделение кои изработија маски од „Карневалот на животните“ под раководство на наставничката Јулија Петроска.

Концертот е хуманитарен и сите средства од продажбата ќе бидат донирани во СОС Детско Село. Цената на билетите е 100 денари и ќе се продаваат преку продажната мрежа на Karti MK.

„Карневалот на животните“ е најпознатата композиција за деца од францускиот композитор Камиј Сен Санс. Композицијата е хумористична музичка свита со четиринаесет ставови, која тој ја напишал во 1886 година. Оригинално е напишана за две пијана и мал камерен состав. Сен Санс забранил јавни изведби на Карневалот на животни, бидејќи сметал дека композицијата ќе му го загрози угледот како сериозен композитор. Композицијата е објавена по смртта на композиторот во 1922 година и од тогаш се смета за една од најпознатите дела на класичниот репертоар за деца.

„Карневалот на животните“ музички опишува различни животни – лав, кокошки, желки, слон, кенгур, риби, магариња, кукавица, птици, лебед. Кога децата слушаат, треба да ги најдат музичките елементи на одделните животни како на пример брзо – бавно животно, дебело или слабо животно, во каква атмосфера се наоѓа и многу други елементи. Преслушувањето на ова дело кај децата овозможува развој на концентрација, имагинативно размислување, препознавање на звучните елементи и многу забава со класична музика.

После голем број на концерти за деца кои Пламенка Трајковска ги реализираше со нејзините мали камерни состави и нејзиниот гудачки квартет, таа одлучи да направи адаптација на „Карневалот на животните“ за виолина и пијано и да даде свој посебен осврт кон ова маркантно дело.

Трајковска интензивно работи на создавањето на музичка култура кај децата и младите. Таа е автор и изведувач во повеќе концерти за деца како концертите „Гудачки квартет во наше маало“, „Музика и танц“, „Музика и цртан филм“, „Што е тоа гудачки квартет“, „Моцартисимо“, „Волшебен квартет“, „Карневал на животните“ во адаптација за виолина и пијано.

Организатор на концертот е Дирекцијата за култура и уметност и концертот е во рамките на Есенските музички свечености. Концертот се реализира со помош на Град Скопје и Министерството за одбрана на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.