На 29 октомври, сабота, џез ансамблот Bopheads, составен од моментално најзначајните имиња на македонската сцена, ќе ја почести својата публика со два настани.

Во Малата сала на Филхармонија, со почеток од 20 часот ќе се одржи овогодинешното концертно издание на ,,Dinner Sessions,’’ овој пат со еден од најдобрите џез состави на нашиве простори – Bopheads.

Идеен творец на овој проект е пијанистот на Bopheads, композиторот и аранжер, Гордан Спасовски кој зад себе има голем број на соработки и богата кариера со повеќе различни состави.

На 29ти, во Малата сала во Филхармонија, покрај Гордан ќе настапат Кирил Туфекчиевски на контрабас, Виктор Филиповски на тапани, Кирил Кузманов на сопран и алт саксофон, Трајче Велков на труба, Иван Иванов на тенор саксофон, како и специјалниот гостин Џон Илија Апелгрен.

На концертот ќе бидат изведени премиерни композиции, неколку композиции од минатогодишното издание на ,,Dinner Sessions’’ претставени во едно ново руво, како и композиции од деби албумот на Bopheads, ,,At The Philharmonic”.

Билетите можат да се набават на продажната мрежа на www.mktickets.mk.

Веднаш по завршувањето на концертот ќе следи и официјална промоција на првиот албум на Bopheads, At the Philharmonic, издаден од страна на издавачката куќа ЗЏМ Рекордс, која ќе се одржи во Филхармонија Бар, со почеток од 22 часот. Настанот ќе биде проследен со ДЈ сет на Бојан Петков, Шамба.

На концертот и промоцијата им претходи прес-концерефција од отворен карактер која ќе се одржи во Филхармонија бар на 27 октомври, со почеток од 11 часот

***
Bopheads e џез ансамбл составен од во моментов најзначајните претставници на џез сцената во Македонија. Во него членуваат Гордан Спасовски – пијано, Кирил Туфекчиевски – контрабас, Виктор Филиповски – тапани, Кирил Кузманов – сопран и алт саксофон, Трајче Велков – труба. Сите членови на на бендот освен Виктор Филиповски, своето образование го имаат стекнато на престижната Џез академија во Грац, Австрија, каде што беа испратени на студирање како дефицитарен кадар, по што тие се вратија во нашата земја, со цел знаењето стекнато во овој европски град да го пренесат и кај нас. Виктор Филиповски пак, своето образование го има стекнато на Џез академијата во Штип. Сите членови на Боперс покрај нивната кариера како изведувачи, работат и како едукатори, односно се професори на Џез академиите во Скопје и Штип.

Bopheads е бенд кој претходно настапуваше и под имињата CuckooRack и Bopers, и постои на македонската џез сцена повеќе од 5 години, во текот на кои има реализирано низа значајни настапи меѓу кои настап на Dubrovnik Jazz Outbreak – 2019, настап на Prishtina Jazz Week – 2019, настап на Prilep Jazz Weekend – 2019, настап на манифестацијата “Today it’s All about jazz” – 2022, самостоен концерт во НУ Центар за Култура „Ацо Шопов,” настап на Art Generator – Festival of jazz, world and contemporary music во Велес – 2022.

Членовите на ансамблот имаат низа заеднички соработки и претходно, во различни џез состави.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.