Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и МРТ денеска во Фоајето на Опера и балет организираа Комеморација во чест на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов. Комеморацијата почна со звуците на неговата Рапсодија за Скопје, наместо како вообичаено со едноминутен молк.

За Александар како човек, музички творец, диригент, организатор може многу да се зборува. Македонските музиколози веќе тоа го препознаа. Нека му е вечен споменот на нашиот драг, почитуван пријател, колега Александар Џамбазов, рече во својот говор претседателот на Собранието на Сојузот на композитори на Македонија, Јане Коџобашија.

Си заминува во музичката историја Александар Џамбазов, човекот чие име повеќе од 50 години растеше  и израсна во синоним на македонската популарна музика. Во тој долг творечки период неуморниот творец создаваше многубројни композиции во повеќе музички жанрови. Во последните 15-тина години се повлече од музичката сцена. Последната средба со скопската публика беше на јубилејниот концерт што го организираше Сојузот на композиторите на Македонија по повод 50 годишнината. Тогаш во преполнетата сала на АРМ прозвучеа најубавите композиции на маестро Џамбазов. Тоа беше еден од најубавите музички настани од осамостојувањето на Република Македонија и како да оживеаја надежите дека може да се врати златниот период на македонската популарна музика, рече Коџобашија и додаде дека оттогаш и пред тоа не се случи сличен настан на планот на забавната музика.

Неговиот колега Стојан Стојков рече дека тешко паѓа кога ќе се изгуби колега и кога полека, полека се помалку и помалку има такви луѓе.

Тој е еден можеби од неколкуте автори културни дејци, културни работници што многу значеше за уметниците затоа што имаше визија. Нека му е светол патот до вечноста, посочи Стојков.

Директорката на ЗАМП, Антоанета Токовска Котевска истакна дека во неговото досие во ЗАМП уредно се пријавени 982 авторски дела, а како што кажа, Џамбазов несебично дал и голем придонес во авторската заштита, првенствено во претседателството на Сојузот на композиторите на Југославија, но и како долгогодишен член на УО и на НО на ЗАМП.

Постојат повеќе дефиниции за зборот господин, но господин тешко се станува – таков треба да се родиш, а таква привилегија имаат малку луѓе. Маестро Џамбазов беше навистина тоа, роден господин. Кој ја имал привилегијата да го запознае и кој ја допрел неговата добрина никогаш нема да ја заборави. Ќе го паметиме по добрината, хуморот, посебниот шарм, по генијалноста. Композитор, прв диригент, човек на Сојузот на композиторите на Југославија од далечната 1958 година. Дојдовме овде да се поклониме и да кажеме едно големо благодарам за секој момент, за секој збор со кој несебично не почести. Нека тие светол патот кон идеите мој мил мајсторе, рече Токовска Котевска.

Неговиот син Игор Џамбазов им изрази благодарност на сите кои во овие лоши времиња присуствува на комеморацијата.

Ја чувствувам љубовта што ја имате кон вашиот омилен маестро, вашиот чичко Ацо, вашиот Џамбаз. Тања јас и целото семејство ви ветуваме дека истата оваа количина љубов ќе ја земеме сега со нас и ќе ја пренесеме во неговиот вечен дом. Денес тоа ќе го направиме само во најблискиот круг на семејството, а вие уште од попладне ќе можете да му оддадете последна почит на еден благодарен човек, на еден кроток, мирен господин, на еден човек кој кога ќе му го споменевте името настрана, прво што предизвикуваше кај луѓето беше насмевка. Човек кој цел живот беше во сенка на други, а всушност е најголем во нашето семејство. Прво викаше што сум јас, цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор – што сум јас. Сега ќе ти кажам – ти си маестро, рече Игор.

Александар Џамбазов иако е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина – Србија, целото детство го поминал во Штип и Скопје каде стекнува основно и средно музичко образование. Дипломирал во 1960 година на Музичката академија во Белград во класата на Марко Тајчевиќ. Целиот свој работен век го помина во Македонската радио телевизија, најнапред како млад соработник во музичките редакции, а потоа како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Александар Џамбазов е истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини, туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанри, вклучувајќи ја и класичната музика. Во делото на исполнителската уметност во македонската музичка историја ќе остане забележан како еден од основоположниците и долгогодишен раководител и диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија. Неговото име најдиректно е врзано и со покренувањето и опстојувањето на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славејче“.

Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аражнмани и со 1450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија. Добитник е на голем број стучни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои 11 октомвриската награда, наградата „13 ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.

Игор Џамбазов, во име на семејството Џамбазови објави дека погребот ќе биде од затворен тип поради ковид-протоколите, па упати апел до сите поддржувачи на ликот и делото на маестро Џамбазов, и замоли за разбирање дека последното збогум ќе можат да му го кажат од сабота па натаму.

Драги пријатели. Утре ќе го испратиме во вечноста татко ми Александар, вашиот омилен маестро, чичко Ацо, Џамбаз… Комеморацијата ќе биде во МОБ во 10 часот, а погребот во 12 часот. Семејството Џамбазови ви благодари за подршката и убавите зборови. Ве известуваме дека погребот ќе биде од затворен тип, се заради ковид-протоколите. Сите што ќе сакате да му кажете последно збогум, ќе можете да го направите тоа од сабота, па натаму. Ве молиме за разбирање.

Маестро Џамбазов ќе биде погребан на Градските гробишта во Бутел во 12 часот.

Александар Џамбазов почина на 25 јануари на 85-годишна возраст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.