Ракописот со наслов „Хотел меѓу две војни“ од авторот Александар Русјаков е победник на третото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година, соопштија од издавачката куќа „Арс Ламина“.

На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 44 ракописи. За победникот одлучи жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски, Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска.

„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања во биографските факти и во многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите, се вели во образложението на жирито.

По темелното исчитување на сите пристигнати ракописи, стручната комисија го донесе следниот заклучок:

Генералниот впечаток од сите разгледани ракописи е дека доминираше реалистичното писмо и жанрот трилер. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година ги разгледавме и ракописите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои се издвоија од мноштвото по своите книжевни вредности – оригиналната нарација, структурните и стилски квалитети.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

Сметаме дека е особено важно што оваа награда се доделува за необјавен роман, односно роман во ракопис, што секако овозможува пред оценката на јавноста да се појават и некои дела што можеби неправедно и неоправдано не успеале да излезат на „светлоста на денот“. Третото доделување на оваа награда само говори дека сме на вистинскиот пат и дека наградата, полека, ама со сигурен чекор, го етаблира своето место во македонскиот културен простор – вели Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.