Регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ своето седмо издание годинава ќе го реализира на 26 август во Сули-ан и на 27 и 28 август во МКЦ-Скопје. Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони…

Со 15 гости од регионот и исто толку домашни, ќе се обидеме да ги лоцираме современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараме за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираме исклучителни интердисциплинарни проекти кои ги шират перцепциите на културата…

Главната награда оваа година ќе ѝ биде доделена на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза. Разговорот со неа ќе го води Румена Бужаровска, а ќе бидат промовирани две нејзини нови книги на македонски. За творештвото на Угрешиќ ќе зборуваат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка)…

Фестивалот ќе го отвори Урош Крчадинац со самостојната трансдисциплинарна изложба „Бантустански мапи“ – илустрирани мапи од патописниот роман „Бантустан“. Изложбата ќе биде проследена со предавање на авторот.

Своите творештва на фестивалот ќе ги претстават: Сенка Мариќ (писателка, поетеса и уредница), Срѓан Срдиќ (поет и уредник), Маша Сеничиќ (поетеса, сценаристка и уредница), Јана Букова (писателка и поетеса), Данило Лучиќ (поет и уредник). На фестивалот ќе гостува и словенечката пистелка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година.

И годинава повторно ќе се одржи традиционалниот перформативен натпревар со „едноминутни новели“ насловен „Овде паѓаат крупни зборови“, на кој со своите кратки фикции ќе се натпреваруваат 12 странски и домашни писател(к)и. Ова е вообичаено најпопуларниот настан на фестивалот, а изминативе години победници на натпреварот беа угледни авторски имиња.
Филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота се фокусира на еден, денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживејува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата ќе следи разговор со авторот Протиќ.

Излагања во кои ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади ќе имаат и Ана Фазекаш (критичарка, уредница, есеистка), Хелена де Карина (професорка), Ружица Марјановиќ (професорка и уредница на фестивалот „На пола пута“), Барбара Прегељ (универзитетска професорка и истражувачка).

Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата „Суштества страшни со фризури и машни“, скулптури со мал формат изработени од готови најдени предмети и рециклиран материјал.
Мал концерт ќе одржи Димитра Цилевска.

Влезот на сите настани е слободен.

Фестивалот „Друга приказна“ е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура.

ПРОГРАМА
Петок (26.08.), Сули ан
18.00.-20.00. – „Бантустански мапи“ – изложба и предавање на Урош Крчадинац
20.00. ВЕЧЕР НА ДУБРАВКА УГРЕШИЌ
– видео разговор: Дубравка Угрешиќ и Румена Бужаровска
– разговор за Угрешиќ: Мерима Омерагиќ, Ирена Јовановиќ, Гоце Смилевски, Никола Гелевски…
23.00. Димитра Цилевска – мал концерт

Сабота (27.08.), МКЦ
18.00.-20.00. РАЗГОВОРИ, БЛОК 1
– Сенка Мариќ со Калина Малеска
– Маша Сеничиќ со Душица Лазова
– Јана Букова со Душко Крстевски
– Срѓан Срдиќ и Данило Луциќ со Никола Гелевски
20.30. – „Суштества страшни со фризури и машни“ – изложба на Ненад Тонкин.
21.00. ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ (перформативен книжевен натпревар на „едноминутни новели“)
Учесници: Маша Сеничиќ, Данило Лучиќ, Јана Букова, Тања Аждаја, Ива Дамјановски, Милан Дамјаноски, Стефан Алиевиќ… Водител: Владимир Лукаш
23.00. Проекција на филмот „Дуга реса“; разговор со режисерот Драган Протиќ

Недела (28.08.), МКЦ
15.30. – 18.00. Две креативни работилници за деца
„Читање додека си играме? Поезијата на Ф. Гарсија Лорка како игра“
со Барбара Прегељ, Ненад Тонкин и Доротеј Нешовски
18.00. РАЗГОВОРИ, БЛОК 2
– Разговор со Јана Бауер
– Барбара Прегељ со Никола Гелевски
– Хелена де Карина и Ружица Марјановиќ со Фросина Крушкаровска
– Разговор со Ана Фазекаш
20.00. дебата НОВА ПИСМЕНОСТ: Ана Фазекаш, Хелена де Карина, Ружица Марјановиќ, Барбара Прегељ…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.