На 24, 25 и 26 јуни, во Младинскиот културен центар, ќе се одржи првиот книжевен и творечки фестивал за деца „Ни ден без творба” во организација на издавачката куќа „Чудна шума“. Настаните, кои вклучуваат промоции на книги за деца и млади, читања и дружења со автори и илустратори на книги за деца, креативни работилници, како и летен саем „Ни ден без книга” со книги за деца и млади на повеќе издавачки куќи, ќе се одржуваат на две локации – на платото пред МКЦ и во просториите на Детскиот креативен центар во рамки на МКЦ, секој ден од 17 до 21 часот.

Во рамки на фестивалот ќе се одржат и неколку промоции на книги за деца и млади: промоција на „Пет приказни од целиот свет” на Живко Грозданоски и илустрации на Хари Дудески – книга која ја доби првата награда за Најдобра книга за деца и млади на овогодинешниот саем на книга, концертна промоција на најновата книга за деца на Владимир Лукаш – „Пу за Мите, пу за сите!”, како и промоција на изданието „Креативен дневник – ни ден без творба” на Билјана С. Црвенковска и Доротеј Нешовски – активности по цртање и креативно пишување за 365 дена во годината.

На летниот саем „Ни ден без книга” ќе можат да се најдат изданија за деца и млади на Чудна шума, Бегемот, Гаврош, Елоквента, Светулка, Антолог, Темплум, Светот на Биби, Сказнувалка, ПНВ публикации…

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.