Книгата „Тито: вечниот партизан“ на германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ во издание на „Или-Или“ од денеска може да се набави во нивната книжарница.
Книгата претставува сеопфатен приказ на животот на Јосип Броз Тито, една од најзначајните личности на 20-от век. Авторката се занимава со животниот пат на Тито, од неговото скромно детство во Кумровец, преку улогата на водач на југословенските партизани за време на Втората светска војна, па сè до воспоставувањето и долгогодишното владеење во социјалистичка Југославија.
Чалиќ го анализира Тито како политичка и симболична фигура, нагласувајќи ја неговата способност да балансира помеѓу Истокот и Западот за време на Студената војна, што му донесе голем углед на меѓународната сцена. Книгата, исто така, ги истражува контроверзиите поврзани со неговиот авторитарен начин на владеење, политичките пресметки со ривалите и неговите напори за зачувување на сложената и разновидна југословенска федерација. Авторката му пристапува на Тито со историска дистанца и настојува да избегне идеализација или демонизација. Преку комбинација на архивски извори и современи истражувања, Чалиќ дава избалансиран портрет на човекот кој ја обележа историјата на Балканот и пошироко. Книгата е значаен придонес за разбирање на југословенската историја, како и на поширокиот контекст на 20-от век.
Мари-Жанин Чалиќ раскажува со големо знаење и со стил кој Ве повикува да продолжите да читате, страница по страница.
Михаел Мартенс, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг
Историјата раскажана на достапен и живописен начин е белег на историчарката, која веќе има напишано две стандардни дела за подобро разбирање на мултиетничкиот лавиринт: „Историјата на Југославија во 20 век“ (2010) и „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ (2016)“.
Томас Розер, Тагеблат
Авторката успеала да создаде добра и, пред сè, многу читлива биографија. Таа не само што самоуверено продира, го совладува, уредува и презентира обемниот материјал, туку читателска публика има можност да дознае за нови важни аспекти од современата историја“. Клаус Бухенау, Годишници за историјата на Источна Европа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.