Министерот за култура Асаф Адеми вчера се сретна со претставници на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“, кои на прес-конференција излегоа со барања како реакција на резултатите од Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2019 година, соопштија од Министерството за култура.

Во иницијативата се: „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, „Театар на Навигатор Цветко“, кино „Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, „Факултет за работи што не се учат“ (ФРЧУ)/„АКТО“ – Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – „Танц фест Скопје“ и „Скопје танцов театар“ и „ПМГ рекордингс“.

Министерот Адеми и претставниците на иницијативата донесоа заклучоци за натамошна соработка.
Договорено е, во натамошниот процес на донесување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, во Работната група да има член од оваа иницијатива.
Беше договорено, до донесување на новиот закон за финансирање на јавниот интерес во културата, веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постоечкиот закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата. Во работната група за промена и дополнување на постоечкиот закон за културата ќе се вклучи и член од иницијативата.

Министерот Адеми во целост се согласува со укажувањата на културната јавност за недостатоци во начинот на финансирање и оценување на

Годишните конкурси, и ја поддржува иницијативата за интервенција во постоечкиот закон, во меѓупериодот до донесување на новиот закон во културата.
Иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ ќе организира јавни дебати на кои активно учество ќе земе Министерството за култура, а на кои ќе се разговара и ќе се утврди модел за распределбата на буџетот во културата, по дејности.
На јавните дебати ќе се разгледуваат и ќе се востановат критериуми за учество и оценување по Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата. Договорено е да се утврдат строги критериуми кои би биле специфични по дејности.
Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности.

Министерот Адеми, на јавен и транспарентен начин во духот на квалитетен дијалог со културните работници, ги информираше менаџерите во културата дека комисиите по дејности ги преиспитуваат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Министерот Адеми, како што неколку пати досега изјави, и на средбата потенцираше дека комисиите работат во согласност со Законот за културата, но дека има формални можности, со упатување жалба или поради реакции во јавноста, покрај одбиените проекти за кои комисиите утврдиле дека се од национален интерес, да се преиспитаат и одобрени проекти за кои постои сомнеж за нерегуларност во оценувањето., стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.