По повод најновата реставрација и конзервација на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, Методија Јоновски на социјалните мрежи објави напис посветен на реставрацијата на ова значајно културно богатство.

МОЖЕ ЛИ ПО 800 ГОДИНИ ПРКОСЕЊЕ АНГЕЛОТ ОД КУРБИНОВО ДА ЈА ЗАГУБИ БИТКАТА СО ЗАБОТ НА ВРЕМЕТО?

– Црквата од пропаѓање на времето ја спаси вистинскиот човек, на вистинско место и во вистинско време, ресенчанецот Драги Тозија како директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците, претседател на Културно просветниот собор на Собранието на Македонија и прв Генерален директор на Македонската радио телевизија.

– Шеесетина години подоцна македонската ,,Нотр Дам,, пак е доведена во опасност, со години стои во место започнатата реставрација и конзервација

Фреските и самата црква Свети Ѓорѓи во Курбиново, на источниот брег на Преспанското Езеро, која датира од 1191 година, цели осум стотини години му пркоселе на времето.

По осум столетија опстојување, на оваа црква повторно и се заканува опасност од пропаѓање како што и се случи на црквата Свети Сава Варвара од 14. век во Претор. Малтерот од ѕидовите паѓа, фреската со ангелот напукнува, раскопаните работи стојат, поставените скелиња околу цркавата веќе скапуваат чекајќи конзерваторите да си ја завршат започнатата работа. Но, очигледно овој споменик на светското културно наследство е преголем залак за Музејот и заводот за заштита во Битола. Иако со годишната програма на Министерството за култура добија скромни два милиона денари оваа институција како да ги заборави започнатите работи на црквата ,,Свети Ѓорѓи,, и за последниве две години нејзини луге во неколку наврати дошле само ,,како на минување,,.

Дали негрижата ќе се повтори како во повоениот период и во времето на колективизацијата, кога локалните новопечени атеисти игнорираа се што е црковно и не знаеја да проценат што е вредно во културното наследство, кога оваа црква беше оставена на милост и немилост. Во неа со години волорите и овчарите си палеа огништа и го чадеа ангелот, а не е чудно да се и вистински прикажувањата на упатени современици дека во времето на селската работна задруга, тука ги затворале задружните коњи.

Но, за среќа, во тој период ресенчанецот Драгија Тозија се најде како вистински човек, во вистинско време и на вистинско место. Како директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците тој многу помогна црквата да се спаси од пропаѓање, да се реставрира и конзервира и да се афирмира не само кај нас туку и во светот како еден од највредните достигнувања во византиското фреско сликарство а Антоние Николовски да ја подготви првата монографија за ангелот од Курбиново. И лично го познавав бидеќи често комуницираше и се сретнуваше со мојот покоен татко Кирил Јоновски како истомисленик по културните прашања, но и по природата на работите како новинар, истражувач на Преспа, нејзин афирматор и иницијатор за археолошките истражувања на островот Голем Град, во Претор и на други места. Неколку години по неговото заминување од функцијата Генерален директор на Македонската радио телевизија и јас во неа ги започнав првите денови на мојата новинарска кариера.

Ако не беше Драги Тозија фреските од Курбиново немаше да се појават на светска изложба во Париз, а иконата на Свети Јован Крстител од црквата Свети Сава Варвара од Претор, исто така, да и биде претставена на светската културна јавност. Треба да се напомене дека тој како човек со визија е најзаслужен за воспоставувањето на Ресенската керамаичка колонија, за иселувањето на општината од ,,Сарајот,, во нова зграда и негово претворање во Дом на културата со Музејска збирка и Галерија на керамика, кој подоцна, со право го доби името на Драги Тозија.

Министерството за култура треба да ја земе работата во свои раце. Нека бара помош од меѓународната заедница (има амбасади кои би помогнале) да се ангажираат најдобрите конзерватори од Италија бидејќи во Македонија не постојат такви професионалци кои би можеле на најдобар начин да ги заштитат неповторливите фрески во црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново

На фотографијава што во 1959 година, пред првата реставрација и конзервација, ја има снимено хроничарот на Преспа, покојниот Кирил Јоновски од Претор, може да се види на какво дереџе во тоа време била донесена црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, напиша Јоновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.