Во еден од најтоплите месеци во годината, месецот август, Кинотеката во вечерните часови на својата публика преку нејзиното летно кино „Мирно лето“ ѝ нуди кино-проекции под отворено небо. Во рамки на августовската програма на Кинотеката ќе можат да се погледнат повеќе филмски остварувања на звучни имиња од европската кинематографија во кои публиката со сигурност ќе ужива.

Денеска (на 4 август) ќе може да се погледне „Сè помина добро“ (Everything Went Fine), суптилна драма со добро познатиот ракопис на Франсоа Озон со контроверзната тема за евтаназија – убиство од милосрдие (18 часот). Од 20 часот, пак, следува играниот филм „Париз – љубовна приказна“ (Paris, 13th District) на Жак Одијар којшто е забавна колекција на испреплетени приказни за ликовите што се спојуваат во 13. арондисман на француската престолнина.

Веќе на 5 август (18 часот) на програмата е „Вселенско момче“ (SpaceBoy) на Оливие Перу, филм за најмладата публика со приказна за 11-годишно момче кое има голема љубов кон вселената и науката. Истата вечер, од 20 часот е јапонскиот филм „Тркало на среќата и фантазијата“ (Wheel of Fortune and Fantasy) на Рајусуке Хамагучи, што раскажува три приказни за три женски ликови и ги следи односите меѓу нивните избори и каењето: неочекуван љубовен триаголник, неуспешна замка за заведување и средба која произлегува од едно недоразбирање.

Публиката (на 8 и 15 август) ќе може да го види и германскиот филм „Фабијан“ (Fabian: Going to the Dogs) на Доминик Граф со приказна сместена меѓу подстанарите на Берлин и неговото подземје во 30-те години од минатиот век, каде што борделите се уметнички ателјеа, а на улиците се нацистите со нивните гласни и навредливи пароли, кој освои петнаесетина номинации и шест награди на германските филмски фестивали.

За љубителите на документарци тука е „Кадифена кралица“ (Velvet Queen) на авторите Мари Амиге, Венсан Миние, којшто ја раскажува сторијата за потрагата по снежниот пантер, а ќе се прикаже на 10, 17 и 24 август.

Во рамки на августовската програма (на 13 и 20 август) повторно ќе има проекции на исклучителниот француски филм „Титан“ (Titane) на Жулија Дукурно, филмска бајка за возрасни исполнета со гнев, љубов и осаменост, која ја освои „Златната палма“ во Кан во 2021, а Дукурно ја подели јавноста со оваа контроверзна филмска сторија. Филмот забележа над 110 номинации на филмските фестивали, освои 28 награди, а со него свечено беше затворено и минатогодишното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

И чилеанскиот наслов „Ема“ (Ema) на Пабло Лараин е на програмата во август (8, 15 и 30 август). Тоа е филм со неверојатна енергија, добра музика и фантастична кореографија, а за ролјата на Маријана Ди Хироламо (Mariana Di Girólamo) велат дека е една од најдобрите креации во светскиот филм во 2019. Публиката во неколку термини (9,16, 23 и 30 август) ќе може да ја види и авантуристичката акција „Планина на смртта“ (Cloudy Mountain) на Ли Џун, кој е еден од најгледаните кинески филмови годинава во светот, со приказна фокусирана на скромноста и личната заложба на главните јунаци, бидејќи дејството не се занимава со спасување на целиот свет, туку на својот град, својот микроуниверзум во кој непријателот не е некој странец со супермоќи туку природна катастрофа.

Овој месец во Кинотеката (9, 11 и 16 август) ќе се прикаже и француско-белгиско-иранска копродукција „Јалда, ноќ за прошка“ (Yalda, a Night for Forgiveness) во режија на Масуд Бакши, филм што го поставува прашањето дали телевизиските реални шоуа можат да бидат замена за правдата. Тука е и францускиот наслов „Светот после нас“ (The World After Us) на Лода Бен Салах којшто е приказна за шесте месеци во животот на сиромашниот Лабиди, омеѓени со рокот од издавачката куќа и романсата со една убава студентка, а публиката ќе може да го види на 10,17 и 24 август. Германскиот, пак, „Голема слобода (Great Freedom) на Себастијан Мајзе, кој говори за машката хомосексуалност третирана како кривично дело во Германија низ два века и неколку тотално различни општествено-државни уредувања ќе се прикаже на 12, 19 и 25 август.

Интересен за публиката може да биде и полскиот филм „Пот“ (Sweat) на Магнус фон Хорн (13,22 и 29 август) кој е за инфлуенсерите на социјалните мрежи, но низ призмата на една згодна, популарна и обожувана фитнес инструкторка. Во рамки на програмата (18, 23 и 29 август) ќе се прикажат и „Ноќ на кралевите“ (Night of the Kings) на Филип Лакот – филм снимен во џунглата на Брегот на Слоновата Коска, каде што затворот под отворено небо е арена во која животот се спасува или губи со раскажување приказни, како и хрватскиот филм „Мајка (Mater) на дебитантот Јуре Павловиќ кој е сторија за трауматизирана жена злоставувана од страна на мајка си (22 и 25 август).

Во август ќе има и две проекции на филмови на 35 мм лента. Се работи за веќе класичните дела „Ѕвезден човек“ (Starman) на Џон Карпентер и „Деца“ (Kids) на Лери Кларк. Августовската програма ќе се затвори со проекција на „Носферату, Симфонија на стравот“ (Nosferatu, a Symphony of the Gray) на класикот Фридрих Вилхелм Мурнау, кој заради сугестивната мрачна атмосфера комбинирана со мелодраматичната морбидност бил сметан за исчекор за стандардите на германскиот експресионизам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.