Утре, среда, на 16 јуни, со почеток во 20.00 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првиот македонски игран филм „Фросина“ на режисерот Војислав Нановиќ, од 1952 година.

Проекцијата ќе биде пренесувана во живо („live streaming“), и ќе може да се следи на каналот „YouTube“, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека (www.kinoteka.mk).

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија, како и за самиот процес на дигитална реставрација.

„Фросина“ ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, „дигитална премиера“, објави Кинотека.

Влезот на проекцијата во среда, на 16 јуни ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од „ковид-19“ остануваат на сила.

Филмот ја раскажува трагичната судбина на Фросина, вдовица и мајка на многу деца, од кои само Климе преживеал. Нејзиниот сопруг гурбетџија, пред да загине, речиси постојано бил отсутен од нејзиниот живот, а таа сама ги раѓала, а набргу потоа и ги погребувала своите деца. Сега Климе, нејзината последна надеж, здраво и пргаво момче, живеачката ја заработува помагајќи им на постарите и поискусни рибари. Вљубен е во Љуба, девојка која сонува за живот на висока нога, нешто што сиромашниот Климе не може да ѝ приушти. Кога Климе ќе го сретне ранетиот Кирил ќе реши да замине во партизани, да се бори за слобода. Година дена подоцна, кога во гратчето започнуваат улични борби помеѓу окупаторот и партизанскиот одред, синот ќе сака да ја искористи можноста да дојде во својот дом, да ја посети мајка си Фросина. Таа е свесна дека ова можеби е нивната последна средба…

„Фросина“ е прва целовечерна играна продукција целосно на македонски јазик, со македонска актерска и филмска екипа, со исклучот на режисерот Нановиќ, и прв игран филм снимен во продукција на „Вардар филм – Скопје“, продуцентска куќа основана во 1947 година.

Минатиот петок Кинотеката ја претстави и дигитално реставрираната копија на првата македонски комедија – играниот „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, снимен во 1961 година. Интерестно е што речиси истата актерска екипа, барем во водечките улоги, настапува и во двата филма: Мери Бошкова, Петре Прличко, Ацо Јовановски, Љупка Џундева, Илија Џувалековски, Стојна Цекова… Во првиот македонски игран филм, снимен после Втората светска војна во поинакви идејно-политички и општествен услови, не само ликот на старта Фросина кој тогаш го толкуваше 27-годишната Бошкова, туку и останатите ликови имаат стабилна морална нишка, длабокоумност, свесност за сопствените постапки и нивното влијание на сите околу себе.

Во „Фросина“ , чие сценарио е на познатиот македонски писател Владо Малески, во останатите улоги ќе ги видиме уште и Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Борис Бегинов, Тома Видов, Киро Винокиќ и Кирил Ќортошев и други. Снимател е Киро Билбиловски, а автор на музиката Тома Прошев. Ентериерите се снимени во прилагоден едриличарски хангар на Зајчев рид во Скопје, а екстериерите во Охрид и околината.

Во мај 1989 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „ФРОСИНА – првиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика ФРОСИНА и МИРНО ЛЕТО. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, што е една од основните активности на нашата институција, единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки – Association des cinémathèques européennes) – и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија – е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.

Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа, односно од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион – Белград, Загреб, Атина, Тирана, Софија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.