Во Кинотеката од 31 мај до 4 јуни ќе се одржи омаж на еден од најголемите европски и светски режисери, Рајко Грлиќ. Тој ќе биде лично присутен на сите проекции, додека на 3 јуни во просториите на Факултетот за драмски уметности ќе одржи мастер клас со почеток во 10:30 ч.

Грлиќ потекнува од медитеранската мултикултурна утопија, чиј еден сегмент беше и бившојугословенската мултикултурна утопија; се школувал на прочуената филмска школа ФАМУ во Прага, Чешка, која во наследството ја има и ја негува средноевропската мултикултурна утопија на некогашното Австроунгарско Царство; бегајќи од военото лудило во поранешна Југославија во 1990-тите години, Грлиќ најде привремено засолниште во САД, сè уште важечки мулти-културен образец во светот; последниве две децении е „распнат“ меѓу американската почва, каде што работи како професор по филмска режија, Загреб како роден град и Истра како еден вид „микротатковина“ по негов, личен избор – вели Стојан Синадинов во најавата за омажот.

Како режисер и косценарист има потпишано 11 долгометражни играни филмови: „И да пукне, нека пукне“ (1974), „Браво маестро“ (1978), „Само еднаш се љуби“ (1981), „Во челустите на животот“ (1984), „За среќа се потребни тројца“ (1986), „Ѓаволски рај“ (1989), „Чаруга“ (1991), „Жозефина“ (2002), „Караула“ (2006), „Нека остане меѓу нас“ (2010) и „Устав на Република Хрватска“ (2016). Во неговата филмографија има уште дузина долгометражни документарни филмови во кои е режисер и косценарист, како и играни филмови, телевизиски серии и филмови во кои е косценарист или продуцент. Тука неодминлив наслов е култната телевизиска серија од десет едночасовни епизоди „Бос в трње“ (1975) во режија на Срѓан Карановиќ, Грлиќ е сценарист на сите десет епизоди. Грлиќ досега потпишал и десетина краткометражни играни и документарни наслови.

Омажот почнува со проекција на „Само еднаш се љуби“ на 31 мај во 20 часот. Филмот учествувал на Канскиот фестивал во 1981 година, а Мики Манојловиќ на фестивалот во Валенсија ја освоил наградата за најдобра машка улога. Филмот на Грлиќ за филмските критичари е наслов што раздвојува две епохи во хрватската кинематографија, бидејќи го покажува репресивното дејствување на поранешниот систем и врз приватноста, поточно врз еросот и сексуалноста. Продуцентот „Јадран филм“ организиран интерна проекција за очите на партискиот врв, бидејќи се прочуло дека филмот можеби е политички субверзивен. По таа проекција коментарите на политичарите задолжени за идеолошка будност биле крајно неповолни за Грлиќ. Затоа тој изработил дополнителна филмска копија и ја пратил на сигурно место, кај сестра му во Париз. Сепак, откако Канскиот фестивал објавил дека неговиот филм е дел од програмата „Извесен поглед“, филмот почнал да го живее фестивалскиот и дистрибутерскиот живот…

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.