Со пригодна свеченост и кинотечна сала исполнета со пријатели и почитувачи на нивните креативни достигнувања, Кинотеката им ги додели признанијата „Златен објектив“ за посебен придонес во македонската кинематографија на костимографката Елена Дончева и монтажерот Димитар Грбевски.

Присутните во фоајето на Кинотеката можеа да ја погледнат изложбата на костимографските решенија на Елена Дончева од неколку нејзини филмски проекти, а потоа и да ја проследат пригодата проекција на краткиот документарен филм „Иларија“ на Димитар Грбевски.

Филмскиот критичар Стојан Синадинов во пригодното обраќање потсети на досегашните добитници на признанијата „Златен објектив“ кои се доделуваат по повод денот на Кинотеката и ги истакна кративните димензии на костимографијата и монтажата во создавањето филмови.

По презентирањето на био-филмографиите на Дончева и Грбевски, на присутните им се обратија и филмскиот режисер и професор по режија на ФДУ, Антонио Митриќески, и професорот по монтажа и декан на ФДУ, Лазар Секуловски. Митриќески говореше за неговите искуства од соработката со Дончева како костимограф на неговиот дебитантски игран филм „Преку езерото“, а Секуловски го портретираше Грбевски како негов – секако, и на генерации студенти – професор по монтажа.

Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов им ги врачи плакетите и пригодните значки – изработени во форма на минијатурни филмски камери, како заштитен симбол на кинематографијата – на Димитар Грбевски и Јана Куновска, која го подигна признанието во име на Елена Дончева.

Ангелов им се заблагодари на лауреатите за нивниот придонес во македонската кинематографија, а Грбевски им се заблагодари на присутните во киносалата за укажаната чест.

Фото: Лидија Христова

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.