Кинотеката од 17 јули (петок) со почеток во 21 часот почнува со прикажување филмови на Чарли Чаплин во летното кино под отворено небо.

Со десет наслови во овој исклучителен циклус – кој го опфаќа творештвото на Чаплин од неговите почетоци па сè до последните дела – Кинотеката ви овозможува увид во најдоброто од златната ера на немиот филм, но и начинот со кој Шарло се справува со предизвикот на звучниот филм“, се вели во најавата за настанот.

Чарлс Спенсер Чаплин (Charles Spencer Chaplin), или едноставно Чарли Чаплин (Лондон, 15 април 1889 –Корсие-сур-Вевеј, 25 декември 1977), не само што е класик во светската кинематографија, туку со него и започнува тој период што ние денес го нарекуваме класика.

Со безмалку 90 улоги на филм и 72 кредити како режисер, Чаплин е од оние автори кои компримираат вистински филмски универзум сам за себе: бил и сценарист, монтажер, продуцент, а повремено и компонирал или бирал музика за неговите филмови.
Од крајот на Првата светска војна до почетокот на Втората светска војна Чаплин ги снима неговите најуспешни кратки и среднометражни филмови (ДЕТЕТО / The Kid, 1921; МРЗЛИВЦИ / The Idle Class, 1921; АЏИЈАТА / The Pilgrim, 1923…) и долгометражни филмови (ЦИРКУС / The Circus, 1928; СВЕТЛИНИТЕ НА ВЕЛЕГРАДОТ / City Lights, 1931; МОДЕРНИ ВРЕМИЊА / Modern Times, 1936).

Појавата на звучниот филм е новиот предизвик, и во таа сфера не е неуспешен: ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР (The Great Dictator, 1940), ГОСПОДИНОТ ВЕРДУ (Monsieur Verdoux, 1947) и СВЕТЛИНИТЕ НА СЦЕНАТА (Limelight, 1952) е неговите три звучни филмови, со кои ја завршува американската епизода во неговиот живот и кариера. Во Велика Британија го снима КРАЛ ВО ЊУЈОРК (A King in New York, 1957).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.