Годинава гостин во Битола е еден од најимпресивните кинематографери не само во Британија, туку и во светот, Џон Метисон. Двапати е номиниран за „Оскар“ за филмот „Фантомот во операта“ и „Ханибал“, а исто толку пати беше номиниран и за награда на ИФФК „Браќа Манаки“.

Снимањето филмови е поврзано со визуелен јазик. Ако имате добра продукција и добри соработници нема за што да се грижите. Сакам поедноставни работи, со помалку филтри, помалку помпа. Мора да истакнеме дека режисерите со кои соработувам сакат да прават филмови, но тоа е многу тешко да се усогласи со дистрибуцијата, бидејќи компаниите сакаат суперхерои, жанровски филмови…, и кога ќе се поврзете со рекламите ќе влезат милиони долари сепак се усогласуваат нештата, рече Метисон.

Тој откри дека како мал бил љубител на филмовите за Џејмс Бонд и се интересирал кој ги направил и како ги направил, како и филмовите на Вендерс, Спилберг и други.

Мислам дека сега има голема промена, особено во однос на пионерите на филмот. На пример, областа во која снимал Чарли Чаплин во Лондон повеќе не постои, што е голема штета бидејќи би било одлично да може да се прошета таму и да се направи музеј. Токму тој дел од Лондон каде има улички со калдрма, куќи прекриени со чад, една сивост во амбиентот со која Чаплин го прикажува автентичниот живот во тоа време во Лондон. Сега е тешко да се направи такво нешто, смета Метисон.

За него киното е храм, а единствените поддржувачи на филмовите се фестивалите.

Ова е фестивал за филм и јас сакам кога луѓето одат во храмот. Во Лондон сега има 4-5 кино-сали кои повторно се приватизирани и не се прикажува ништо квалитетно. Изборот зависи од сопственикот на киното. Има многу малку независни кина кои прикажуваат квалитетни содржини, но ретки се моментите каде се концентрира публика на која може да и се задржи вниманието. Мене ми се допаѓа идејата да се влезе во храмот, во киното, да се исклучат сите уреди и да се ужива во филмот. На луѓето мора да им дадете нешто, да ги натерате да размислуваат, бидејќи дома не го добивате истиот квалитет на звукот, перспективата, не се гледа сето она што е вложено додека се правел филмот, истакна Метисон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.