Вечерва, 11 декември, во 20 часот во Театарот за деца и младинци (ТДМ) е закажана премиерата на претставата „Касета“, која е наменета за тинејџери. Претставата е во режија на Бесфорт Идризи, според истоимената драма на шведскиот автор Денис Магнусон.

Ова можеби е една од ретките претстави во македонските театари во која ќе се слуша хеви-метал, дарк-метал и дет-метал, најавуваат од ТДМ. Музиката е авторско дело на Игор Василев.

Во претставата играат Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа Мојаноска, Мартин Јорданоски и Ненад Митевски. Сценографијата е на Енес Деари, а костимографијата на Роза Трајческа Ристовска.

Режисерот Бесфорт Идризи вели дека приказната зборува за односот татко-ќерка, особено во семејство каде што мајката е почината. На крај преку бенд и музика се гради еден добар мост меѓу ќерката и таткото и наоѓаат заеднички јазик за комуникација.

Се зборува за начинот на кој таткото и ќерката се справуваат и колку тие двајца можат да живеат заедно, да се разберат, да комуницираат, сето тоа преку добра музика особено за младите. Сето тоа се одвива преку металска музика, рече Идризи.

Директорката на ТДМ, Катарина Илиевска-Силјановска, вели дека преку приказната се открива еден нов музички свет, а во исто време, тинејџерката се запознава себеси.

Родителите вообичаено ги сметаме за здодевни, сѐ додека не откриеме дека тие кријат нешто специјално и интересно, што не сме го знаеле“, вели таа.

Претставата „Касета“ е за тинејџерката Тува, чија мајка умира при породувањето. Таа не може да најде заеднички јазик со својот татко, за кој има мислење дека е многу здодевен и ништо не разбира. Еден ден, не знаејќи што да прави, доаѓа до идеја да се качи на таванот од куќата каде што живеат со цел да си ги најде старите играчки од детство. Помеѓу правливите стари предмети пронаоѓа една стара музичка касета на која пишува само „Горбар“.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.