Краткиот анимиран филм „Карантин“ во режија на Иван Андреевски е во официјалната селекција на најпрестижниот во светот фестивал за анимиран филм во Анеси, Франција. Филмскиот фестивал Анеси е фестивал од А-категорија заедно со фестивали како што се Кан, Венеција, Берлин и Торонто.

Во конкуренција од повеќе од 3.000 филма, „Карантин“ е селектиран во програмата Перспективи. „Карантин“ ја имаше домашната премиера на Флипбук Филм Фестивал во Скопје во август 2020 и ја освои Специјалната награда на жирито, кое за филмот рече:

Со интересна техника која ги меша естетиките на традиционалната стоп и современата 3Д компјутерска анимација, овој краток филм не води во еден за секого многу присутен амбиент, но, преку комична призма која барем за миг ни дозволува да се насмееме и малку да издишеме од нашето задушувачко секојдневие. Мајсторски сработена анимација од млади автори која укажува на тоа дека златното време на македонскиот анимиран филм е пред нас.

Филмот „Карантин“, на кој освен Иван Андреевски, работеа и Михаил Наумов и Љубомир Саздовски, е во продукција на 3 Блок Студио и Флип Бук Продукција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.