Во автубусите на ЈСП Скопје во крајот на минатата година се појавија симаптични книшки на кои беа испечатени извадоци од книги од познати светски автори. Патниците можеа да читаат додека патуваат до училиште, на работното место, одат на закажан состанок или на договорен термин на лекар. Идејата беше да се скрати патувањето и да се охрабрат патниците следниот пат кога ќе се возат во автобус да понесат книга со себе. Кампањата беше дело на издавачката куќа „Полица“ и агенцијата „Импакта“. За влијанието од кампањата, но и за плановите на „Полица“ чија книжарница неодамна беше отворена, разговаравме со Зорица Теофилова од издавачката куќа „Полица“.

Во крајот на минатата година Полица, во соработка со агенцијата Импакта, ја почна кампањата „Читај на екс“ во автобусите на ЈСП Скопје. Иако е рано да се зборува за влијанието кое го постигна камањата, како сте задоволни досега?

Презадоволни сме. Оваа кампања навистина беше вистински погодок и нешто за што луѓето зборуваат. Целта беше да ги поттикнеме луѓето да го искористат времето поминато во автобус во една навистина убава активност, со надеж дека можеби тоа ќе ги натера и во своите домови да одвојат време да прочитаат нешто.

Дали вие читате на пат до работното место?

За жал, на работа одам со автомобил, па тоа не е изводливо. Но, како студент често знаев да извадам книга во автобус и да читам. Читањето е составен дел од моите работни обврски, но и надвор од работата секогаш уживам да поминам квалитетно време во читање.

Една анкета која беше спроведена лани во декември покажа поразителен факт дека една четвртина од Македонците не прочитале ниту една книга во минатата година. Дали со вакви и слични акции може да се развие културата на читање книги кај нас?

Токму тоа ни е целта, да направиме некаква промена, без оглед колку мала таа ќе изгледа, во поглед на навиките за читање на луѓето. Сметам дека, генерално гледано, Македонците малку читаат. Да, има еден процент луѓе кои имаат континуиран интерес за читање и постојано го одржуваат, но менувањето на навиката за (не)читање е нешто на што треба да се работи систематски. Интересот и љубовта кон книгата и читањето треба да се развива уште од најмала возраст за да може да се развие популација која ќе го негува и одржува овој благороден интерес. Но, сепак, сметаме дека секоја позитивна промена, колку и да е мала, ќе придонесе за постепено развивање на културата за читање кај луѓето.

Со отворање на книжарницата на Полица во центарот на Скопје, на улица Васил Главинов се создаде една убава тројка од книжарници, Вие, „Или-Или“ и „Антолог“.

Да, создавањето на тоа „книжарско“ катче беше сосема случајно, но сметаме дека излезе навистина симпатично. Од една страна, читателите на релативно мал простор имаат избор од неколку книжарници што може да ги посетат и да направат избор на наслови за себе или за подарок. Од друга страна, постоењето на неколку книжарници во круг од неколку метри му дава една посебно убава димензија на урбаниот простор.

Кои ќе биде Вашиот избор на издадени дела по кои ќе се разликувате од другите издавачки куќи кај нас?

Се трудиме да имаме наслови за сите читачки популации, почнувајќи од книгите за деца, во кои имаме застапено дела кои покрај читањето, го поттикнуваат интересот на децата за природните науки, па преку насловите за тинејџери, а секако тука се и неизбежните класици од литературата. Минатата година почнавме да издаваме дела, и авторски и преводни, поврзани со музичката сфера, а тоа е една нишка во нашето издавачко портфолио што ќе ја продолжиме и годинава. Намерата ни е да имаме поразновидна понуда на дела, за да може секој читател да го најде она што одговара на неговите интереси, а секако, ако можеме, со изборот на насловите, да ги поттикнеме читателите да прочитаат и нешто поразлично.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.