Како во еден миг поминуваат 180 минути, колку што трае претставата „Бесачи“ чија премиера беше изведена на 24 септември на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ). Претставата е работена по текст на актуелниот британско – ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Бугаринот со европска кариера Јавор Грдев кој првпат работи со ансамблот на МНТ.

Бесачот Хари (Никола Ристановски) е и газда на паб во Северна Англија и е омилен меѓу пијаниците кои секојдневно дремат на шанкот и му се „гребат“ за бесплатно пиво. Откако ќе биде укината смртната казна, останува без работа и ќе даде интервју за локалниот весник. Иако предупреден да не зборува многу за оваа тема, Хари кажува многу повеќе отколку што е потребно. Хари е горд бесач на криминалци, силувачи и убијци, но погубувањето на Хенеси (Александар Михајловски) не му дава мир. Алис (Камка Тоциновски) е сопруга на Хари и горделива газдарица на пабот во кој се пијанат локалните безделничари Бил (Владо Јовановски), Чарли (Гораст Цветковски), Артур (Александар Микиќ) и инспекторот Фрај (Ѓорѓи Јолевски). Ширли (Дарја Ризова) е ќерка на Хари и Алис. Сид (Благој Веселинов) му е асистент на Хари и Муни (Кире Ѓоревски) се клучни во замрсување на приказната и кулминација на дејствието. Алберт Пиерпоинт (Јордан Симонов) е колега на Хари, бесач и сопственик на паб. Пиерпоинт се појавува при крајот на претставата, откако ќе го прочита интервјуто на Хари.

Ако на премиера редовно во Скопје оди „одбрана“ публика, на втората реприза синоќа дојде театарската публика која знае да препознае добра претстава. А „Бесачи“ не е добра претстава. „Бесачи“ е одлична претстава која 180 минути (има и пауза) не ве остава да трепнете. Со громогласен аплауз беше наградена целата екипа предводена од првенецот на МНТ Ристановски, а сосема оправдано Ризова и Тоциновски беа испратени со овации и со „Браво“! Грдев првпат работи со овој ансамбл и успеал на сите актери да им ја додели вистинската улога.

Освен маесталната игра на сите актери во претставата, посебно се издвојува и богатата сценографија и костимографија која ја изработија сценографот Никола Тороманов и костимографката Свила Величкова. МНТ нуди врвна техника и таа е максимално искористена.

Во претставата уште играат  и Нелко Нелковски и Трајче Ѓоргиев. Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Тој синоќа го толкуваше ликот на новинарот. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов и извршен продуцент на претставата е Симона Угриновска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.