Премиерата на „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски ќе се случи вечерва (16 ноември) во Македонската филхармонија. Веќе од следниот ден, четврток, „Кајмак“ почнува истовремено да се прикажува во речиси 30 градови низ целата земја.

 „Кајмак“ ќе игра во цела Македонија. Направивме напор филмот да го донесеме во секое кино, каде има техничка можност за прикажување“, вели продуцентот Јане Ќортошев.

Киноприкажувањето низ Македонија започнува во четврток, 17 ноември и закажано е во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп и Штип. Премиерата во Битола и Гевгелија е закажана за 23 ноември. Во Скопје од 17 ноември филмот ќе игра во кината на Синеплекс и Милениум.

Кајмак е љубовна приказна за возрасни, вели режисерот Манчевски. Тоа е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот  е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

Финансиери на филмот се Агенцијата за филм на Македонија и државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од европскиот фонд Еуроимаж. Македонската Радио Телевизија е копродуцент.

По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска. Во екипата беа вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија, Србија и Бугарија.
Филмот е помогнат од бројни домашни и странски поединци и компании.

Македонската радио телевизија, директно ќе се вклучи и во церемонијалот од црвениот килим на гала премиерата. 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.