„По патот на Фаринели“ е насловот на симфонискиот концерт на Филхармонијата кој ќе се одржи овој четврток во 20 часот. Под диригентство на маестро Борјан Цанев, како солист ќе настапи славниот контратенор од Украина, Јуриј Мињенко, кој заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе изведе дела од Вивалди, Корели, Броски, Глук, Порпора, Хендл.
Инаку, македонскиот диригент Борјан Цанев, со концертот „По патот на Фаринели“, одбележува 20 години од неговиот прв концерт со Филхармонијата на СРМ.
Андрогеност и уникатност на нивната појава, глас со машка сила, а со распон до сопран, вокална виртуозност што плени, екстравагантни костими – се дел од карактеристиките што ги имале кастратите, контратенорите, кои во 17 и 18 век важеле за вистински „поп“-икони на своето време. Контратенор е класичен машки глас чиј вокален распон е еднаков на женскиот контраалт или мецосопран. Иако по природа се баритони или тенори, контратенорите ретко го користат тој опсег на нивните настапи. Гласот на контратенорот се смета, главно, за феномен на раната музика, но се проширува и современиот репертоар за овие пејачи, затоа што денес се враќа она што полека изумрело особено кон крајот на 19 век… Најпознат кастрат бил Карло Броски – Фаринели, првиот „суперстар“ во историјата. Бил обожаван во Европа, а на претставите постојано му извикувале „Еден бог и еден Фаринели“. Пеел и пред Луј 15, а во Шпанија со пеење го лечел кралот Филип Петти од лошо расположение, па така стекнал енормна моќ. Имал распон на гласот од три октави и необично долг здив. За него критиката напишала: „Секој што го слушал знаел какво дејство имало врз публиката неговото зачудувачко пеење: екстаза, одушевување, магија“…
Јуриј Мињенко (Украина) уште од рана возраст почнал да учи пијано и хорско диригирање. Подоцна продолжил со студии на Државната музичка академија во Одеса на отсекот за соло-пеење, најпрвин како баритон, а потоа како контратенор, каде што, по магистерските студии, предавал соло-пеење од 2007 до 2010 година. Добитник е на многубројни и мошне значајни награди на меѓународни вокални натпревари, а е првиот соло-пејач од Украина и првиот контратенор кој стигнал до финалето на светскиот натпревар за соло-пејачи на Би-Би-Си во Кардиф. Уште за време на студиите, Мињенко е активен на сцените во својата земја, но и надвор од неа, во Германија, Франција, Италија, Шпанија, Израел, Бугарија, Русија, Велика Британија… Во 2010 година го направил своето оперско деби во Швецинген, Германија, со улогата на Анио во „Ла Клеменца ди Тито“ од Моцарт, сегмент кој ретко го пеат контратенори поради неговата драматична природа. Подоцна, Мињенко ги освојува со голем успех оперските сцени во светот, како што се „Баљшој“ во Москва, Националниот театар во Минхен, Операта во Келн, Виенскиот театар, Операта во Лозана, Театарот на Елисејските полиња во Париз, Кралската опера во Версај, „Концертгебау“ во Амстердам, Кенеди центар во Вашингтон…, соработувајќи со врвни диригентски имиња како што се Теодор Курензис, Марк-Андре Далбави, Роман Кофман, Андрес Нелсонс, Василиј Петренко, Михаил и Владимир Јуровски, Пол Даниел, Диего Фасолис… Репертоарот на Мињенко е разновиден, тој изведува дела од периодот на барокот, класицизмот, романтизмот, толкувајќи главни улоги во опери, учествувајќи во грандиозни вокално-инструментални дела, како и рецитални програми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.