Следната недела во Охрид ќе започне јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

На Школата, која ќе трае до 2 септември, ќе учествуваат шеесет странски македонисти и слависти од седумнаесет држави, кои во Охрид доаѓаат да ги продлабочат своите познавања и проучувања за македонскиот јазик, литература и култура.

Пријавени се семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република.

Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и нови посветеници на македонистиката кои искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.

Јубилејот 55 години непрекинато одржување на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ е исклучително значаен не само за македонскиот јазик, литература и култура, туку и за нашата држава воопшто, затоа што токму на оваа Школа се изнедруваат нашите најголеми поддржувачи и културни амбасадори во светот – странски македонисти. Ние имаме историски долг кон нашите претходници коишто ги удрија темелите на оваа Школа и кон странските македонисти коишто во децениите наназад ги афирмираат македонскиот јазик, литература и култура во светот, но и обврска кон иднината и перспективите на македонистиката во времето што е пред нас, постојано да вложуваме во развивањето на оваа Школа, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа нагласува дека МСМЈЛК при УКИМ настојувал за ова јубилејно 55. издание да конципира програма којашто ќе им овозможи нови видици на странските македонисти и ќе поттикне нови истражувачки потфати, опфаќајќи и сегменти од македонската култура коишто претходно не биле дел од програмските содржини и дека ќе се стори сè за нејзиното успешно остварување.

Мојсова-Чепишевска посочува дека интересот за Школата бил голем, според брјот на странските македонисти и слависти коишто искажале интерес за нивно учество.

Особено нè радува што оваа школа ќе се одржи со најголем број семинаристи последниве години, меѓу кои покрај исклучително референтните имиња се и млади кадри коишто се една од гаранциите за натамошните перспективи за македонистиката во меѓународни рамки. Тие се дел од оние во коишто имаме и ќе имаме обврска особено да вложуваме во соработка со колегите од странските универзитети, бидејќи влогот во нив е влог во иднината на македонистиката во светот“, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Инаку, големиот интерес за Школата со најголем број учесници последниве години е уште една потврда за зголемениот интерес за македонистиката во меѓународната академска заедница, особено на водечки високообразовни центри, со залагања од МСМЈЛК при УКИМ и посветена работа на лекторатите по македонски јазик. Во исто време, зголемениот интерес се должи и на залагањата на посветениците на македонистиката од странските универзитети со коишто изминативе години, соработката и дополнително се интензивираше, вклучително и преку нови форми на соработка со МСМЈЛК при УКИМ.

Па така, по неколку години, на Школата, повторно ќе има семинаристи од САД, Република Кореја и Романија, а по неколку години интерес за учество пројавија и семинаристи од Австрија, Германија и Италија, како и од Универзитетот во Анкара, Турција, на кој се очекува од следната академска година да започне со работа и нов лекторат по македонски јазик. Според бројот на семинаристите, евидентно е зголемување на интересот за македонистиката и во Грција. Инаку, најголем број семинаристи на Школата ќе има од Полска, меѓу коишто се и студенти на Факултетот за хуманистика во Сосновјец на Шлезискиот универзитет во Катовице, на којшто следната година ќе се одбележат 35 години од отворањето на лекторатот по македонски јазик. Значајно е и што на Школата ќе има семинаристи и од високообразовните центри на коишто следната академска година, исто така ќе се случат значајни јубилеи за македонистиката – Институтот за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, Франција, на којшто ќе се одбележи половина век од отворањето на лекторатот по македонски јазик и Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека на којшто лекторатот по македонски јазик е отворен пред 15 години.

Од нивното пристигнување во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид на 17 август, па сè до 2 септември, предвидено е семинаристите на Школата да следат лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а ќе биде организирана и преведувачка работилница за сите заинтересирани семинаристи.

За семинаристите коишто подлабоко се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 34. издание на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Свеченото отворање на јубилејната, 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ е закажано на 19 август 2022 година, напладне.

Школата се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Министерството за образование и наука, а дел од програмските активности се под покровителство на Општина Охрид и Општина Вевчани. Годинава, за првпат, со поддршка за Школата се вклучија и општествено одговорни компании – „Тиквеш“, „Алкалоид“ и „Кожувчанка“, коишто за сите семинаристи обезбедија свои производи брендирани со логото на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.

По 55. Летна школа се најавува и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе е одржи на 4 и 5 септември 2022 во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. На Конференцијата, акцент ќе биде ставен на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески по повод 70 години од нејзиното објавување и на творештвото на Васил Иљоски и Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.