Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци“, која ја доделува „Струшки вечери на поезијата“. Одлуката на жири-комисијата во состав Милован Стефановски, претседател, Лорета Георгиевска – Јаковлева, Тихомир Јанчовски, Лидија Капушевска – Дракулевска и Снежана Стојчевска, секретар, ја прочита Стефановски.

Од петте збирки поезија кои влегоа во потесниот избор, по детална анализа и дискусија, комисијата едногласно ја додели наградата „Браќа Миладиновци“ на стихозбирката „Човек“ од Јовица Ивановски. Од дискусијата произлезе дека во најтесен избор влегуваат книгите „Стан што се распаѓа“ на Биљана Стојановска и „Човек“ на Јовица Ивановски. Сепак, преовлада мислењето дека збирката на Јовица Ивановски, со својата кохерентна структура, тематско-мотивски опсег, како и оригиналниот и автентичен израз – од книгите што конкурираа годинава – се издвои како најкомплетно остварување“, појасни Стефановски на пладневната прес-конференција во хотелот „Дрим“ во Струга, која се одржа во рамките на годинашното, 58-мо издание на „Струшки вечери на поезијата“, најстариот светски поетски фестивал што се одржува во континуитет.

„Најновата поетска книга на Јовица Ивановски е многу типична за поезијата на овој автор и ги содржи сите битни одлики по кои тој стана и е препознатлив: деметафоризираниот поетски јазик, импулсивноста, едноставниот израз, сериозноста проткаена со хумор, искреноста, (авто)иронијата и потсмевот. Во неговите стихови сите тие се менуваат и надополнуваат, сопостојат или зрачат симултано. Тие понекогаш ја прават оваа поезија противречна, но токму затоа особена, неповторлиав и интересна.

Ставајќи ја нагласката на човекот, авторот ја промовира хуманоста и вистинските човекови вредности. Поезијата на Ивановски е обид за осмислување на бесмислата и за хуманизирање на дехуманизираниот свет“, се вели, меѓу другото, во одлуката на жири-комисијата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.