Кога си млад и ентузијаст ги преземаш ризиците, порача мајсторот на европската кинематографија, Јоргос Арванитис, вториот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело на 40. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој синоќа пристигна во Битола. Денеска тој одржа мастеркласа.

Грчкиот кинематографер со култен статус во Европа и светот, и со близу 150 наслови во неговата кариера ужива посебен статус на своевиден родоначалник на арт-филмот во Грција и Европа. Арванитис е роден во едно грчко село во 1941 година, во мрачните денови на Втората светска војна. По разурнувањата во војната неговото семејство се преселило кај роднини коишто имале млекара, па Јоргос како петгодишно дете наутро разнесувал млеко, а попладне одел на училиште. Школувањето го продолжил учејќи за електричар, а првпат отишол в кино на 15-годишна возраст.

Првиот контакт со професионалниот филм му било кога во соседството се снимал некој филм, па Јоргос го замолил кино-операторот од локалното кино да му помогне да работи нешто на сетот. Најмногу бил фасциниран од камерата, и вели дека за тогашните деца камерманите биле вистински богови.

Најдов една црно-бела лента, и со помош на две светла го снимив мојот прв филм. Филмот го прикажав во киното и добив понуда да бидам асистент на камера. Следните пет години бев асистент на камера, Арванитис се присети на неговата младешка фасцинација со филмот.

На млада возраст го снимил неговиот прв филм како снимател, а иако не одел во филмско школо, го почитувал советот на постариот камерман да гледа и да памети сè на снимањата, бидејќи само така можел да стекне поголеми знаења. Пресврт во неговиот живот било кога го сретнал неколку години постариот Тео Ангелопулос, кој во почетокот на 60-те години се вратил од Франција. Модераторот Масимо Леки забележа дека е необичен спојот на Ангелопулос, кој бил марксистички настроен филмски критичар, и самоукиот кинематографер Арванитис, кој научил сè за камерата снимајќи филмови.

Заедно со пријателите снимавме некои кратки филмови, помагајќи си еден на друг. Еден ден дојде Ангелопулос со негово сценарио. Го прочитав и сфатив дека во него лежи филм. По 33 дена и со четворица актери, од кои само еден беше професионален, го завршивме филмот, раскажува Арванитис.

Арванитис потенцираше дека во пионерските денови на неговата кариера бил голем ентузијаст и ги преземал ризиците. Леки, пак, примети дека уште во првите заеднички дела на Арванитис и Ангелопулос се гледаат пејзажите од Грција коишто ќе бидат доминантни во целиот опус на Ангелопулос.

Имав проблем со Ангелопулос бидејќи тој во неговите филмови постојано ја избираше истата локација – Воден (Лерин), вели Арванитис.

Пресвртна точка во интернационализирање на нивните кариери е филмот „Пејзажи во магла“ од 1980 година, а нивниот последен заеднички филм е „Вечност и еден ден“ од 1998 година. Тој филм беше овенчан со „Златна палма“ во Кан. Веќе вториот заеднички филм „Деновите од 1936“ е снимен во колор. Во тој период Арванитис бил вработен во едно филмско студио, а секој ден во попладневните и вечерните часови работел со Ангелопулос. Од филтрите кои „отпаѓале“ заради неадекватната боја во процесот на снимање на филмови во студиото со Ангелопулос го снимиле нивниот втор филм. Кога требало да снима комедија, Арванитис си дал отказ и ја продолжил кариерата како фриленсер. Останатото е подобриот дел на историјата на грчкиот и европскиот филм од 60-те години до денес.

Во тој период со Грција владеела воената хунта, па Арванитис раскажуваше анегдотски случки како ја избегнувале цензурата за левичарските арт-филмови што ги снимале со Ангелопулос. Раскажувајќи за неговото професорско искуство на филмската академија „Фемис“ во Париз, Арванитис потенцираше дека може да се направи добра сцена со малку светло и многу организација. Тоа е и неговото кредо. Арванитис потсети на значењето на зборот фотографија, кој значи пишување со светлина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.