Германскиот сценограф Јан Папелбаум, утре, (12 април), во Музеј на современата уметност ќе одржи предавање на тема The Modern on Stage (The Dream of the House) – Модерното на сцена (Сонот на куќата). Предавањето е закажано за 19 часот, во Кино салата на МСУ, а е дел од програмата на Македонскиот центар на ИТИ – Преведување на визуелна драматургија 2019.

Иницијатори и организатори на проектот се Македонскиот центар на Интернационален театарски институт/ПРОДУКЦИЈА, проектот е поддржан од Гете институт Скопје. Партнери на проектот се Музеј на современа уметност и Домот на културата Кочо Рацин- Скопје.

Јан Папелбаум е еден од најзначајните и најинвентивните современи театарски сценографи во германскиот и европски театар, тој е резидентен сценограф во Шаубуне во Берлин. Папелбаум соработува со етаблираните режисери – Томас Остермајер, Фалк Рихтер, Том Кунел … Негови најпознати сценографии се оние од претставите со специфични сценско-режисерски поставки како Ричард трети, Хамлет, Хеда Габлер, Елдорадо… каде што сензибилно, вешто, досетливо и непредвидливо ги спојува наративното од драмскиот текст, визијата на режисерот и сценографското дожувување на реалноста инспирирана од антропологијата на секојдневниот живот – животот и луѓето во и вон градовите денес и тука.

Јан Папелбаум ќе зборува за своето сценографско искуство и неговото место во современиот театар, ќе зборува за германскиот театарски систем; и неговата соработка со најталентираните режисери денес.

Предавањето е од отворен тип на кое се поканети сите кои ја сакате и почитувате уметноста на театарот. По предавањето, на 13 и 14 април ќе се одржи стручна работилница за современа сценографија во соработка со афирмирани и активни македонски сценографи, визуелни уметници, режисери и архитекти (Марија Ветероска, Илина Ангеловска, Нина Николиќ, Енес Деари, Емил Петров, Филип Коруновски, Вишња Вујовиќ, Марија Петровска, Благоја Ристовски, Горјан Стојчев, Даница Спасевска, Надица Панковска, Мартин Манев, Јана Брсакоска, Теа Беговска, Игор Поп Трајков). Јан Папелбаум досега одржал менторски работилници на Венециското биенале за театар, Италија; на Факултетот за изведбени уметности во Хонг Конг, НР Кина; во Музејот за современи уметности во Осло, Норвешка … Работилницата во Скопје е од затворен тип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.