Роденденскиот концерт по повод 61 години од постоењето на фестивалот „Охридско лето“  што го одржа „Синтезис“ во Античкиот театар синоќа во Охрид, го следеа министерката за култура на Република Македонија, Ирена Стефоска, амбасадорката на САД  во земјава Кејт Мари Брнз, амбасадорите на Руската федерација и на Франција, Сергеј Баздникин и Сирил Бомгартнер, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

Изворниот македонски мелос преку креативните перформанси на членовите на овој музички состав уште еднаш покажаа дека старата македонска песна поткрепена со традиционалните народни инструменти е неисцрпен извор на инспирација врз кој можат да се создаваат и современи аранжмани.

Се огласуваа нумери од сите досегашни албуми на групата создадени во текот на изминатите 27 години: Гоцева 3, Думардија, Смилјана, Блажена Горо, Што е лудо, Филка мома, Садила Јана, мома Катерина, Јана Малешевка, На сред село чешма шарена…….

На „Охридско лето“ се презентирани пет-шест изданија  на „Синтезис“. За нас е голема чест пред многу публика  во која има и странци, да го презентираме нашиот израз на македонската музика и тоа што го носиме во нашите корени, рече Ванчо Јовчев, клавијатуристот во групата честитајќи му го притоа роденденот на фестивалот.

Гостин на вечерта на „Синтезис“ им беше македонскиот виртуоз на гитара со светско реноме, Влатко Стефановски кој заедно со нив отсвири неколку нумери.

Синтезис продолжува со третманот на стари, заборавени, а понекогаш и скоро никогаш нечуени песни, кои се дел од богатото македонско музичко наследство, на тој начин зачувувајќи ги и промовирајќи ги трајните вредности на македонската култура и традиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.