На 28 декември, во 13 часот, ќе биде отворена изложбата „Повеќе од зборови  – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“ во Музејот на Република Македонија.

Изложбата се реализира во чест на креативниот мајстор на фотографијата и неговите фотографски афинитети и светогледи.

„Работата на фотографот и снимател Благоја Дрнков дава значаен придонес кон унапредувањето на музеологијата и етнологијата. Тој оставил ненадминлива колекција на фотографии, документирајќи ги сите аспекти на традиционалната материјална и духовна култура, како и народното творештво и применетата уметност во Македонија. Она што го издвојува е неговиот посебен однос кон етнолошката документарна фотографија, која не е само гола регистрација на факти, туку претставува визуелен запис исполнет со експресија, љубопитност и енергија“, велат организаторите.

„На изложбата се презентирани 35 фотографии, коишто се значајни чувари на меморијата како сведоштво за иднината. Изложбата претставува обид да се потсетиме и да ги потенцираме високите дострели во документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство. Фотографиите  на  овој доајен на етнолошката фото-документација се врежани во колективната визуелна културна меморија, оставајќи ни многу повеќе од зборови“, додаваат од Музејот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.